Реџепи-Зејд: Мојот потпис ќе остане само ако бидат тргнати оние на Левица

Пратеникот на Алтернатива – Скендер Реџепи-Зејд, денеска го потврди ставот за кој веќе се шпекулираше во јавноста – дека го повлекува својот потпис за постигнување на ново парламентарно мнозинство составено од ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Левица и Беса.

Во изјава за ТВ „Алсат“, Реџепи појасни дека се залага за уривање власта, но е дециден дека тоа нема да го стори по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица.

„Кога ја составувавме листата, Левица не беше дел од неа. Не прифаќам мојот потпис да е дел од списокот заедно со потписот на лидерот на Левица. Не го добивме мандатот за да ѝ служиме на антиалбанска кауза“, рече тој.

Во изјава за ТВ21, пак, Реџепи додаде дека неговиот потпис ќе остане ако бидат отстранети потписите од Левица.

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

„Во никој случај нема да прифатам дека мојот потпис да биде до потписот на оние кои својата политичка кариера ја прошируваат навредувајќи ги Албанците“, изјави Реџепи за ТВ21.

Прашан за вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, кој изјави дека ја има поддршката од Реџепи, пратеникот од Алтернатива вели дека никому ништо не му должи – ниту на Мицкоски, ниту на Заев, ниту на Ахмети – туку единствено му е должи на своето достоинство и идеологијата за која диши.

„Дишам во идеал за подобро општество на Албанците, но секако не со оние кои ги мразат Албанците, оние кои ги навредуваат Албанците. Ова не го дозволувам, нека ми го тестира достоинството“, рече Реџепи за „Алсат“.

- Реклама -