Николовски: Првичните трендови најавуваат уште една сигурна победа на СДСМ и Коалицијата

СДСМ ги оцени локалните избори како фер, слободни и демократски. Од партијата најавија дека нивниот аналитички центар веќе започнал со обработка на првичните податоци, кои ги добиваат од општинските изборни штабови и потенцираа дека првичните трендови, кажуваат дека СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ ќе забележат уште една сигурна победа.

– Им честитаме на институциите кои, исто така, спроведоа фер, слободни и демократски избори, како што и доликува на една модерна, демократска држава членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ. Позитивната атмосфера низ целата кампања денеска беше заокружена со мирен изборен ден. Беа забележани неколку изолирани помали отстапувања по кои веднаш се постапуваше од страна на институциите, изјави на вечерашната прес-конференција генералниот секретар на СДСМ и шеф на Централниот изборен штаб на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Љупчо Николовски.

Тој вели дека во текот на изборниот ден се појавиле предизвици поврзани со гласањето со отпечаток на прст и оти тоа било нешто што било очекувано и на што било укажувано во претходниот период.

– Но, гласањето со отпечаток од прст беше услов на ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат за Изборниот законик и ние како демократска партија го прифатиме тоа за изборните резултати да бидат уште повеќе кредибилни и да нема простор никој да ги оспорува и да има алиби за било што, рече Николовски.

Иако, според него, правичните трендови укажуваат на уште „една сигурна победа на СДСМ и Коалицијата“, сепак нагласи дека откако ќе добијат први заокружени податоци на нова прес-конференција ќе бидат презентирани и првичните резултати.

Во врска со одржувањето на вториот круг и за тоа кој кандидат би бил поддржан со оглед дека се очекува во многу од нив да бидат кандидати од коалицијата, Николовски истакна дека дополнително ќе се разговара кого би поддржале.

– Ние имаме јасни ставови кои сме ги кажале и досега. На пример во Тетово сите имаме посебни кандидати и тогаш кога ќе видиме кој ќе влезе и тогаш ќе се отвори моментот кога ние ќе почнеме да преговараме, рече Николовски.

МИА

- Реклама -