Пендаровски: Ципрас го прашуваше Заев за ерга омнес, па му предложи да оди на избори за да добие двотретинско мнозинство

Во 2001 година, за време на Владата на Љубчо Георгиевски, според изворите од тој период, предлогот за името бил Северна Македонија, но тогашниот премиер не обезбедил мнозинство, а сите политички сили во тоа време биле преокупирани со Охридскиот договор, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Катимерини“, во кое, покрај за актуелната блокада на европскиот пат на земјава поради бугарското вето, зборуваше и за Преспанскиот договор и периодот што му претходеше.

„Господинот Нимиц не беше толку оптимист – разговарав со него по Договорот од Преспа – дека во текот на неговиот живот ќе видеше постигнување на договор. Според мене, она што одигра клучна улога во постигнувањето договор беше политичката храброст на двете раководства. Сите знаат дека кога склучуваш толку деликатни и чувствителни договори, не ја подобруваш својата политичка позиција. Премиерите на двете земји, но и меѓународната заедница беа многу активни, особено Вашингтон. Постоеше триаголник на успехот: Атина, Скопје и Вашингтон“, истакна Пендаровски зборувајќи за Преспанскиот договор, потенцирајќи дека улогата на Брисел не била толку голема.

ЕУ е хетерогена организација и дури и Времената спогодба била постигната по притисок од Американците, посочил Пендаровски, додавајќи дека „не постои ниту еден сериозен спор на Балканот во кој САД не игра клучна улога“.

Дури и американскиот амбасадор во Атина – Џефри Пјат, одиграл значајна улога во некоја фаза од преговорите, вели шефот на државата. Сепак, според него, најважниот дел била првата средба во Давос меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На оваа средба, според Пендаровски, тогашниот грчки премиер го прашувал Заев за „ерга омнес“, на што добил одговор дека е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, а Ципрас прашал зошто не оди на избори за да добие мнозинство.

„Заев му одговори дека практично е невозможно за било кој во Северна Македонија да добие двотретинско мнозинство на било кои избори. Киро Глигоров во 1994 година доби двотретинско мнозинство со политичката структура што ја водеше тогаш, но само затоа што опозицијата го бојкотираше вториот круг. Дури и со легендарниот Глигоров не можевме да го постигнеме тоа. ‘Како да го сторам јас?’, рече Заев, а тогаш Ципрас му рече: ‘Тоа е твоја надлежност, јас само прашав’ “, открива претседателот.

За моменталната состојба со Договорот, Пендаровски го повторил претходно изјавеното за МИА: дека пред патувањето за Грција од нашето МНР побарал извештај за нашиот дел од обврските и дека 99.9 отсто веќе се имплементирани.

„Можам да ви кажам дека во разговорите овде, кога прашав за грчките обврски, соработката во областа на полицијата итн, ништо чувствително, премиерот рече дека не сака да ‘ги гребе раните’ и дека политичките околности во овој момент во Грција не се погодни за таков вид работи. Реков дека не сум во позиција да ве притискам, но целосно ја разбирам вашата позиција“, вели претседателот во интервјуто.

Паралелно, Пендаровски ги споменал и двата проекти во енергетиката, гасоводот Скопје-Солун и терминалот за природен гас во Александруполи.

Извор: МИА

- Реклама -