Радев очекува над 120 илјади Бугари на пописот во Македонија, како услов за деблокада кон ЕУ

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска од Брдо повторно испорача долга низа услови, и покрај средбата што заедно со премиерот Зоран Заев имаа средба со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, како и претходно со претседателката на ЕК – Урсула фон Дер Лајен, претседателот на Европскиот Совет – Шарл Мишел, и претседавачот – словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Покрај тоа Македонија „да ја признае историската вистина како што тоа го направила и со Грција“ и впишување на Бугарите во нашиот Устав како државотворен народ, Радев побара и „соодветна“ одразеност на Бугарите во резулатите од спроведениот попис.

„Работиме на билатерален протокол, кој треба да се презентира и заврши некаде на почетокот од ноември. Мора да го анализираме овој протокол, да го потпишеме ако сме задоволни од резултатите. Мора да ги споредиме резултатите од протоколот со националната рамка усвоена од бугарскиот парламент. Потоа ќе треба да доставиме патоказ подготвен од страна на Северна Македонија и она на што инсистираме се две гаранции: од билатерална страна, сакаме да видиме мал амандман во уставот на Северна Македонија – да ги вклучат Бугарите во тој суштински дел од народот кој ја формира оваа нација. Бугарите заслужуваат да имаат свое место кое ќе биде јасно пишано. Потребен ни е и резултатот од пописот кој заврши во Северна Македонија“, рече Радев, посочувајќи дека над 120.000 илјади бугарски пасоши им се издадени на македонски граѓани.

Тој потенцираше дека овие луѓе по сопствена волја се пишале Бугари и поднеле „објективни“ документи кои го докажуваат нивното бугарско потекло.

„Други десетици илјади го чекаат својот бугарски пасош и очекуваме таа реалност да биде отсликана и при пребројувањето на населението во Република Северна Македонија“, изјави Радев за бугарските новинари.

Откако сѐ ова ќе биде исполнето, вклучително и „гарантирањето“ на правата на македонските граѓани кои се самоопределуваат како Бугари и запирањето со „говорот на омраза“, на Бугарија ќе ѝ треба и гаранција од ЕУ дека патоказот ќе биде вклучен во процесот на преговори, односно во преговарачката рамка, додаде Радев.

Премиерот Заев, на ваквите изјави, одговори дека постапките на Радев се навреда за македонските граѓани.

- Реклама -