Радев: Како што беше призната историската вистина кон Грција, така да биде призната и историската вистина во односите со Бугарија

Софија, 6 октомври 2021 (МИА) – Пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ е континуиран приоритет на бугарската надворешна политика и поддршката на Софија за тоа е конзистентна, но се базира на клучните принципи на индивидуални достигнувања во исполнувањето на критериумите за реформи и важноста за одржување добрососедски односи, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија.

„Имав важни средби и со лидерите на европските институции, како и трилатерална средба со канцеларката Ангела Меркел, претседателот Емануел Макрон на која присуствуваше и премиерот на земјата-кандидат за членство во ЕУ, Република Северна Македонија, Зоран Заев“, рече Радев.

Тој посочи дека темата на разговорите била изнаоѓање начин за надминување на препреките пред започнувањето на преговорите за членство на Република Северна Македонија, тема која, како што рече, „е од исклучителна важност за регионот, за македонските Бугари и за местото и улогата на Бугарија во ЕУ“.

„Северна Македонија не може да помине катарза. Нашите позиции се јасни, се додека нашите сонародници подлежат на суптилна асимилација, со текот на годините се потиснувани и нивните основни права и не се интегрирани целосно во Северна Македонија ние не можеме да кажеме ‘да’ за почеток на преговори“, изјави Радев.

 

Во пресрет на пленарната сесија на Самитот ЕУ-Западен Балкан, претседателот Радев ја повика Република Северна Македонија да ги исполни своите обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, потпишан пред четири години. Тој ја истакна потребата од јасни законски гаранции дека Скопје ќе ги исполни своите обврски пред Софија да го укине ветото за почеток на преговорите за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

„Повеќе од три години по стапувањето во сила на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, не е преземена вистинска акција од македонска страна“, рече тој, додавајќи дека работат на подобро објаснување на позицијата на Бугарија на европските партнери.

Радев ги повика своите претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев да покажат „неопходна волја за надминување на проблемите во билатералните односи“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев рече дека потиснувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија е предизвик и на ЕУ, затоа што тие „се државјани на Бугарија и државјани и на Унијата“ и повика на „европска солидарност и со нив и со Бугарија“.

„Тоа не е ниту вето, ниту стопирање на процесот, ние повеќе од тоа не бараме, да се почитуваат основните европски принципи и интересите на секоја држава членка на ЕУ“, рече Радев, додавајќи дека, според него, оти треба „да се искорени јазикот на омразата, толкувањето за Бугарија од учебниците, спомениците, од државната политика, и тогаш ќе бидат подготвени да кажат „да““.

Радев рече дека Бугарите во земјава треба да бидат вброени и во пописот на населението во Северна Македонија.

„Бугарија бара како што беше призната историската вистина во односите на Северна Македонија со Грција, така да биде призната и историската вистина во односите со Бугарија. Очекуваме билатералниот протокол од 6 точки да биде готов до почетокот на ноември. Во протоколот има решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес. Мене ме интересираат обврзувачките работи што треба да бидат завршени до почетокот на преговорите, за да кажеме ‘да’ “, додаде бугарскиот претседател Радев.

- Реклама -