Русија протера македонски дипломат, за МНР тоа е возвратна одлука без вистинска основа

В.Д. амбасадорката на Република Северна Македонија во Руската Федерација – Оливера Чаушевска-Димовска, денеска била повикана во Министерството за надворешни работи на Русија каде ѝ била врачена нота на Министерството, со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“.

„Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за ’персона нон грата‘ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“, соопшти руското МНР.

Од македонското МНР реагираа дека одлуката на руското МНР да протера наш дипломат – втор секретар, преставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ.

„За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“, стои во соопштението на МНР.

Оттаму информираат дека во Амбасадата во Москва и натаму останува да ги извршува своите обврски вршителот на работите, а наскоро ќе биде упатен и новиот амбасадор акредитиран за Руската Федерација, кој ги поминал сите чекори за упатување.

- Реклама -