СДСМ: Николов да каже какво здравство ќе имавме за 600 милиони евра колку што е Скопје 2014

„Модуларните болници не се направени од пластика и стиропор како Скопје 2014, кое граѓаните ги чинеше над 600 милиони евра. Игор Николов треба да се засрами кога бара одговорност, морал и етика, треба да се засрами в очи да ги погледне неговите колеги лекари, здравствениот персонал.  Кога зборува за градби треба да каже што сѐ ќе се направеше за здравствениот систем за 600 милиони евра“, реагираа од СДСМ на прес-конференцијата на претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, кој ги посочи премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче како најповикани за трагедијата во Тетово.

„Надлежните не покажаа ниту трунка морал, ниту трунка доблест. Се уверивме дека за нив човечкиот живот не значи ништо, а одговорност е мисловна именка. За нив ништо не значат човечките животи, не чувствуваат морална одговорност, оставки не даваат, освен што играат во ПР орото на Зоран Заев“, обвини Николов, повторувајќи ги барањата на опозицијата за неотповикливи оставки, но и прашањата за кои јавноста сѐ уште нема добиено одговори.

Од СДСМ со контра-обвинувања:

„70 години една плочка не се смени во Клинички вентар, 11 години ВМРО ДПМНЕ не помрдна со прст за здравствениот систем, за медицинскиот персонал, пациентите. Игор Николов наместо празни флоскули и лаги нека одржи една прес конференција што сѐ ќе добиеше здравството и пациентите за 600 милиони евра.

Наместо лажни вести и дезинформации Николов и ВМРО-ДПМНЕ да остават истрагата да ги даде сите одговори“, порачаа од владејачката партија.

- Реклама -