Рама: Заложници сме на национализмот внатре во ЕУ, дури и денес интегративниот процес е во заложништво на националистички бран во една земја

„Ние сме заложници на национализмот внатре во ЕУ“, повтори денеска албанскиот премиер Еди Рама, на заедничката прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел, која е во посета на Тирана.

„Ние сме заложници на национализмите во ЕУ. Во ЕУ нема националистички влади, но за жал во некои земји националистите и екстремната десница влијаат на одлучувањето на умерените влади. Дури и она што се случува денес е заложништво на интегративниот процес од националистички бран во една земја“, рече Рама.

На новинарско прашање Меркел призна дека стагнацијата на процесот на интеграција на Албанија во ЕУ се должи и на внатрешната политика на некои од земјите на Унијата, пренесе „Ора њуз“.

Меркел додаде дека го разбира разочарувањето на земјите од регионот бидејќи, како што рече, кога се исполнети условите, дадениот збор мора да се одржи и да не се даваат други услови поради внатрешно-политички причини во одредени земји.

„Ова носи разочарување и ја разбирам фрустрацијата што постои. Кога ќе се потврди дека се исполнети условите, треба да се одржи зборот, бидејќи во спротивно се појавува разочарување и треба да знаеме како да си веруваме едни на други“, рече Меркел.

Канцеларката, меѓу другото, истакна дека и двете земји ги исполниле условите за почеток на преговори за членство.

Извор: МИА

- Реклама -