И Георгиески со реакција до Каракачанов: Охрид е македонски град, отсекогаш бил место кое ги поврзува двата народи

По Министерството за надворешни работи, и охридскиот градоначалник Константин Георгиески со осуда за новите провокации од коалицијата предводена од Каракачанов, откако во новиот предизборен спот Охрид го поврзаа со „бугарштината“.

„Упатувам јавна осуда по повод објавените спотови од страна на бугарски политички партии, во рамки на предизборната кампања во Бугарија.

Охрид е македонски град, отсекогаш бил и ќе биде место кое ги поврзува двата народи, место кое е пример за соработка и толеранција“, напиша Георгиески.

Тој подвлекува дека во духот на балканските и европските вредности, македонскиот и бугарскиот народ треба да негуваат добрососедско пријателство засновано врз силно меѓусебно почитување. Притоа, охридскиот градоначалник изрази надеж дека во иднина нема да има причина за вакви јавни реакции.

Причината, сепак, во форма на уште поголеми провокации, дојде само околу еден час порано пред Георгиески да излезе со осуда. Во Фејсбук пост, Каракачанов не само што ги потврди ставовите искажани во спотот, туку во одговор до македонското МНР и ги прошири, нарекувајќи го Охрид „една од најпознатите престолнини на Бугарија“, но и на бугарската азбука и на (бугарската) православна црква.

- Реклама -