Бугарски медиуми: Заев прифатил дека Бугарите и Македонците зборуваат на еден ист јазик; Владата демантира

Формулација за прашањето за јазикот – според која Македонците и Бугарите зборуваат истовремено и на еден ист јазик, но и на два различни јазика, кои се одделно признати во светски рамки – понудил премиерот Зоран Заев во рамки на „конкретниот предлог“ што вчера во Софија го однела македонската страна, пишува бугарскиот „24 часа“, повикувајќи се на извори во бугарската влада.

Според порталот, Заев предложил 5 варијанти на компромис, кој би бил преточен во политичка декларација. Покрај горенаведената јазична формулација, македонската страна наводно понудила и декларација според која двата народа „се братски“.

Истовремено, „24 часа“ посочува дека Заев се обврзал на уставни измени со кои, како што пишува порталот, Бугарите во Уставот ќе бидат признати за државотворен народ, како и Македонците, Албанците, Србите, Ромите и Хрватите.

Заев, истовремено, ветил и отворање на досиејата од времето на студената војна, кои, според порталот, јасно ќе ги покажат репресиите на кои биле подложени Бугарите во некогашната „југорепублика Македонија“.

Со неговиот бугарски колега – техничкиот премиер Стефан Јанев, Заев се договорил и за проект за зближување на младите, кој предвидува македонски ученици бесплатно да одмораат во бугарски хотели, по примерот на бесплатните сместувања во македонски хотели на бугарски ученици и младинци – идеја која ја презентираа претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев при заедничката посета на Рим по повод 24 Мај („кога Радев го возеше Пендаровски во својот авион“, додава порталот).

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Од друга страна, според весникот „Труд.бг“, Заев ветил дека ако на средбата во Брисел на 22 јуни Бугарија го поддржи почетокот на преговорите, тој ќе ги направи неопходните компромиси за спорните историски теми.

Ваквите пишувања од бугарските медиуми ги демантираше  Владата на РСМ. За „МКД.мк“ тие тврдат дека шпекулациите за наводни формулации за решенија што се споделуваат низ дел од медиумите – не се точни.

„За време на вчерашните работни средби обезбедивме унапредување на меѓусебната доверба и дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Овој позитивен исчекор ни овозможи да разговараме за можностите за решенија, за што добра основа е португалскиот предлог.

Решенијата мора да водат грижа за двете страни, односно да ги адресираат прашањата што се важни и за Република Северна Македонија и за Бугарија. Такви решенија се можни, за да се дојде до нив неопходен е дијалог, а сега еве и дијалогот е повторно на маса.

Оттука, не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија што се споделуваат низ дел од медиумите“, одговориле од кабинетот на Заев за „МКД.мк“.

- Реклама -