Премиерот отвори канцеларија во Струмица, во неа ќе работи и Душка Белчовска – мајката на девојката чии органи беа донирани

Премиерот Зоран Заев денеска во Струмица отвори Канцеларија за непосреден контакт со граѓаните, информира владината прес-служба.

Оваа канцеларија, како што велат, претставува уште една алатка за комуникација со граѓаните, место каде што тие ќе можат да ги адресираат своите прашања, проблеми и предлози. На едноставен и лесно достапен начин, секој граѓанин од Општина Струмица и од соседните општини ќе може да закаже средба со премиерот Заев, а за време на викендите тие средби ќе можат и да се реализираат, се вели во соопштението.

Помош во остварувањето на овие средби ќе обезбедуваат вработените во Канцеларијата на премиерот, меѓу кои ќе биде и Душка Белчовска, мајка на Верица Белчовска – прерано загинатата девојка чии органи беа донирани и со тоа беа спасени повеќе човечки животи. Денеска Заев остварил и кратка средба со неа, на којашто разговарале за нејзиниот ангажман во Канцеларијата во Струмица. На средбата, премиерот уште еднаш ја повторил огромната благодарност и восхит за одлуката на Белчовска и нејзиното семејство, органите на нејзината ќерка да бидат донирани и со тоа да спасат животи.

- Реклама -