Влада: Со македонскиот идентитет не смее никој да си игра, Мицоски намерно му наштетува на процесот

„Апсолутно се неточни и неодговорни изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека наводно се воделе преговори околу македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Напротив, во сите комуникации на членовите на Владата секогаш јасно потенцираме дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат масата за преговори со било која страна“, реагираат од Владата откако лидерот на најголемата опозициска партија соопшти дека добил „алармантни“ информации за тајни преговори со Бугарија кои ќе донесат ново национално предавство.

Според Мицкоски, Заев и специјалниот претставник на Владата во спорот со Бугарија – Владо Бучковски, координираат тајни преговори во кои се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ, иако истата ги оспорува генезата и посебноста на македонскиот јазик, ја ревидира историјата и периодот на антифашистичката борба, но и присвојува важни личности од македонската историја. Како што вели Мицкоски, неговите информации се дека се планира Заев и Бучковски да го потпишат сето тоа, практично признавајќи дека Македонците постојат од 1945 година, и тоа без расправа и усвојување на документот во македонското Собрание. Мицкоски порача дека ова не смее да се дозволи и ги повика граѓаните да бидат подготвени за блокади и масовни протести.

Прочитајте и:  Мицкоски - Курти: Време е за решавање на економските прашања

Од Владата, меѓутоа, се категорични дека со идентитетот нема играње, а Мицкоски го обвинуваат за намерно наштетување на процесот:

„Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра ниту оваа, ниту било која друга Влада и со тоа се исполнуваат сите критериуми неопходни за национален консензус за ова прашање. Овој наш став е јасно разбран и поддржан од пошироката меѓународна заедница, како што впрочем е јавно соопштено и во ставовите на голем број европски лидери.

Тоа го знае и Мицкоски, но тој, како и многу пати до сега, не пропушта прилика да му наштети на секој процес, на секоја иницијатива која отвора перспективи и решение. Исплашен од таа можност презема и вакви штетни постапки, спротивно на сѐ што е во интерес на граѓаните и државата, вклучувајќи ја и оваа негова изјава преполна со неточни тврдења. Со обидот за гол популизам и манипулации со фактите, иако му се добро познати, уште еднаш станува јасно дека лидерот на опозицијата делува целосно деструктивно и се обидува да ги минира дипломатските процеси кои во најдобрите европски манири нудат решение низ дијалог“, велат од Владата.

- Реклама -