„Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во вчерашното гостување во „Click Plus“ на „ТВ21“.
Прашан дали тоа значи дека уште еднаш би се менувал Уставот, Османи вели:
„Немаме никаква резерва да бидат споменати како посебна етничка заедница, ако тоа им значи на било која страна“.
Тој негира дека се работи за барање од бугарска страна. Досега не чул, вели, Бугарија да го побара тоа.
Инаку, според последниот попис од 2002 година, во Македонија 1.417 граѓани се изјасниле како Бугари, што е 0.07% од тогаш изброеното население.