„Република Северна Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко општество. Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава, и нивната посебност; напротив, граѓанските организации треба да бидат охрабрени да соработуваат со властите и да бидат внесени во сите механизми за остварување на своите колективните права“, пишува министерот за надворешни работи Бујар Османи, по повод темата за односот и правата на бугарската заедница во земјава, која деновиве се наметна во јавноста, пред сѐ по заслуга на „одредени граѓански здруженија“ во земјава и одредени официјални претставници на Република Бугарија, како што вели Османи.
Тој ги повика овие здруженија да побараат соодветна графа на пописот:
„Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата“, порача Османи.