Состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на бугарските безбедносни служби, а со цел „преземање мерки за заштита на правата на Бугарите во РСМ“, за претседателот на државата Стево Пендаровски претставува мешање во внатрешните работи на земјава.
„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешите процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓаните во друга-земја членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“, потенцира Пендаровски.
До овој момент, се наведува во реакцијата, шефот на државата нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност. Такви случаи не се регистрирани ниту во последниот годишен извештај за напредокот од Европската Унија, иако како држава кандидат за членство, со години сме под редовен мониторинг од Брисел, истакнуваат од неговиот Кабинет.
Премиерот Зоран Заев, пак, е нешто поблаг во реакцијата. Прашан за коментар за состанокот на Радев, тој изрази надеж дека се работи за состанок од информативна природа, бидејќи во спротивно би претставувал мешање во внатрешните работи. Заев порача дека во земјава се почитуваат правата на сите граѓани и дека нема потреба од испраќање на разузнавачки служби, бидејќи институциите им стојат на располагање на Радев и Бугарија за секоја нивна загриженост.