БГНЕС: Сестрата на сопругата на Мицкоски има бугарски пасош, значи Мицкоски е женет за Бугарка

„Најзаколнатиот противник на сѐ што е бугарско во РС Македонија – Христијан Мицкоски, е женет за Бугарка“, пишува кореспондентот на бугарската новинска агенција БГНЕС од Благоевград.

Начинот на кој е дојдено до овој заклучок, од друга страна, ја покажува и големата желба да се дојде до тој заклучок. Имено, менталната гимнастика на кореспондентот на БГНЕС оди вака:

„Стевица Јанева, која е сестра на сопругата на Христијан Мицкоски – Роза, има бугарско државјанство. Тоа станува јасно од избирачките списоци за претстојните парламентарни избори кај нас на 4-ти април.

Стевица, која работи како нотар во градот Струмица, има бугарски паасош. Таа можела да го добие тој важен документ само врз основа на докажано бугарско потекло и бугарско самоопределување. Стевица Јанева фигурира во списоците за претстојните парламентарни избори во секцијата 47 на општина Петрич, која се наоѓа на само неколку километри од родната Струмица.

Нејзиниот сопруг Јорданчо Јанев го поседува најголемиот ресторан во центарот на Струмица. Тој исто така е бугарски граѓанин и фигурира во избирачките списоци, но во Благоевград. Ако сака, може правото на глас да си го искористи во секција 25 во Второто основно училиште ‘Димитар Благоев’.

Ако Стевица Јанева има бугарско државјанство врз основа на докажано потекло, зашто такво се дава само при докажување дека предците ти се Бугари, тогаш излегува дека и Роза Мицкоска е Бугарка“, пишува БГНЕС.

Освен во пресрет на бугарските парламентарни избори, овој текст се појавува и откако во Бугарија (барем одредени кругови, почнувајќи од ВМРО-БНД на Каракачанов) веќе подолго време бараат јавно да бидат објавувани Македонците кои имаат бугарски пасоши и „се најгласни против Бугарија“.

„Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, е познат со својата остра антибугарска реторика, која многу често ги надминува границите на добриот тон. Тој дури и си дозволи неодамна да изјави дека ако некој каже дека Гоце Делчев е Бугарин, ‘ќе направи дипломатски скандал во светски рамки’. Сега, меѓутоа, не е познато каков скандал ќе предизвика веста дека е женет за Бугарка“, завршува кореспондентот на БГНЕС, издавајќи си ја, можеби, целта и  намерата.

- Реклама -