Во неочекуван, безмалку филмски пресврт, „побегнатиот“ Сашо Мијалков попладнево се појави пред Обвинителството, со образложение дека полицијата не можела да го најде не затоа што се криел, туку затоа што бил во самоизолација. Непосредно по изјавата за „ТВ24“, од чија екипа беше „пресретнат“ пред Обвинителството, на Фејсбук се огласи и премиерот Зоран Заев. Според него, појавувањето на Мијалков е резултат од преземената акција на институциите:
„После преземената акција објавувам конкретен резултат од кој имаме значаен успех:
Се пријави Сашо Мијалков во Обвинителството за организиран криминал и обезбеден е неговиот домашен притвор!
Институциите ги презедоа сите редовни и вонредни мерки во врска со бегството на Сашо Мијалков. Координацијата помеѓу сите институции со сите активности што се презедоа во последниве 40 часа дадоа резултат. Правдата е обезбедена, ќе ја има и повеќе и почесто!“, напиша Заев.
Тој најави и изјава за медиумите во која ќе изнесе дополнителни информации.