… И додека јавноста гори поради „бегството“ на Сашо Мијалков, а надлежните трагаат по информации додека индиректно меѓусебно си ја префрлаат вината за евентуалниот пропуст, пред Обвинителството се појави никој друг туку Мијалков лично.
„Пресретнат“ од екипа на „ТВ24“, Мијалков изјави дека цело време бил во државата и дека не станувало збор за бегство, туку практично за недоразбирање, бидејќи тој бил отсутен поради тоа што бил многу болен и бил во самоизолација со симптоми на ковид, со 40°C температура и силни главоболки.
Утрово, рече Мијалков, кога разбрал што сѐ се случувало викендов, решил самиот да се пријави во Обвинителството за да го види и подигне решението за куќен притвор што му го изрече Кривичниот суд. Поранешниот шеф на УБК притоа се извини на јавноста, на власта и сите министри, како и на сите надлежни институции, но и го повтори дадениот збор дека никогаш нема да бега, потенцирајќи дека тој својот збор не го погазува.
Од друга страна, дел од проопозициските медиуми тврдат дека дошле до првични, непроверени информации дека Мијалков се предал откако претходно ги искористил овие три дена за да преговара со власта на Зоран Заев и СДСМ околу висината на неговата затворска казна. Тие пак, со цел тој да се врати, се согласиле да преговараат и наводно се договориле да не му биде изречена затворска казна повисока од 10 години.
Изјавата на Мијалков за „ТВ24“ погледнете ја ТУКА.