Незгодно интервју на Ковачев со Коритаров, европратеникот без конкретен одговор која држава би ја поддржала Бугарија (ВИДЕО)

Непријатни 25 минути во интервјуто во емисијата „Слободна зона“ на бугарската „ТВ Европа“ имаше бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, но и водителот Георги Коритаров, кој немаше многу трпение за неконкретните одговори на пратеникот од редовите на ГЕРБ на Бојко Борисов, кои сме навикнати речиси секојдневно и по неколку пати да ги слушаме од бугарска страна.

Наместо аргументи како „братска љубов“ и „добрососедство“, Коритаров бараше од Ковачев да му посочи конкретни анализи што бугарската власт ги направила пред да ја признае сувереноста на Македонија, но и пред да го потпише Договорот за добрососедство во 2017 година, со цел да го увери дека Бугарија има јасна и константна стратегија во однос на Македонија. Ковачев имаше обиди да го заобиколи одговорот, но такви анализи призна дека немало.

Искрење меѓу новинарот и европратеникот имаше и околу изјавата на Захариева дека „позицијата на Бугарија не е лесна за разбирање“. Коритаров инсистираше на одговор што значи таа изјава, а Ковачев се обидуваше да објасни тврдејќи, притоа, дека позицијата на Бугарија е исклучително јасна. Нејасното на кое алудира Захариева, според него, е во тоа што Бугарија секогаш се однесувала со многу љубов кон Македонија, но за возврат добила само лаги и ароганција. Тој истакна и дека Бугарија згрешила што досега не се трудела да ја објасни својата позиција кај секоја држава посебно, како што тоа, според него, го правеле Грците додека ја блокираа Македонија. Коритаров, меѓутоа, не беше задоволен со одговорот.

Атмосферата уште повеќе се вжешти по темата за улогата на Бугарија во Македонија во времето на Втората светска војна. Коритаров прво праша дали ситуацијата се движи кон меѓународно посредување, како во спорот со Бугарија. Откако Ковачев не ја исклучи таа можност, Коритаров праша дали меѓународното посредство би донело некаква полза за Бугарија и, конкретно, која држава би ја поддржала Бугарија во нејзината позиција, односно би прифатила дека Бугарското царство во Втората светска војна не било фашистички окупатор. Конкретен одговор Ковачев немаше, па наместо тоа го обвини новинарот дека се обидува да ја прикаже Бугарија во најцрно светло, како што правел и извесен новинар од Македонија со најжестока реторика против нашата источна соседка. Коритаров, меѓутоа, инсистираше дека Бугарија била фашистички окупатор, а Ковачев продолжи со ставот дека, кратко речено, било комплицирано.

- Реклама -