Одговор на бугарското МНР до Владата: Не прифаќаме идентитетот на граѓаните на РСМ да се афирмира преку конфронтација со соседните држави

„Република Бугарија е најсилниот и најнесебичен поддржувач на европската интеграција на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија“, тврдат од Министерство за надворешни работи на Бугарија во одговорот на изјавата на Владата на Северна Македонија по повод бугарското вето.

Од бугарското МНР велат дека на Советот за општи работи во вторникот, Бугарија уште еднаш образложила зошто во оваа фаза не може да даде согласност за одобрување на Преговарачката рамка за Република Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава. Од министерството посочуваат и дека бугарската позиција целосно се заснова на Рамковната позиција усвоена уште на 9 октомври 2019 година, поддржана и од Народното собрание на Република Бугарија, а во која се утврдени барањата со кои Бугарија ја обврзува нејзината понатамошна поддршка за интеграција на земјава во ЕУ.

„Предлозите на Бугарија за вклучување во Преговарачката рамка за Република Северна Македонија се основани на јасни преседани, но за жал не беа ставени на дискусија на актуелното претседателство. Тие исто така соодветствуваат и со заклучоците на Советот на ЕУ од 25 март 2020 година, во кои се истакнува важноста на постигнувањето на  опипливи резултати и добронамерната имплементација на билатералните договори на Република Северна Македонија со Бугарија и Грција, како дел од процесот на проширување.

Во оваа етапа нацртот на Преговарачката рамка не ги содржи гаранциите кои на нашата земја ѝ се потребни за да даде поддршка за нејзинот усвојување. Бугарија ќе продолжи со конструктивните напори и во текот на следното претседателство на Советот на ЕУ“, се вели во соопштението.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Понатаму во соопштението, бугарското МНР се впушта во вообичаената тирада од критики кон Македонија:

„За жал, во текот на изминатата година Република Северна Македонија се впушти во дипломатска и медиумска кампања за дискредитирање на позициите на Република Бугарија,  со тоа што на јавноста многукратно ѝ беа презентирани лажни информации во однос на бугарската позиција.

Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е ќе се добие поддршка од Бугарија“, порачува бугарското МНР, чиј прв човек, секако, е шефицата на бугарската дипломатија – Екатерина Захариева.

„Време е владата на Република Северна Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија или нивното право да си го нарекуваат јазикот како сакаат.

Бугарија е државата која прва во светот ја призна независноста на Република Македонија, со што започна процесот на меѓународното признавање на тогаш младата држава, а низ годините ѝ укажа помош во најтешките моменти. Таа помош продолжува и понатаму.

Република Бугарија не прифаќа, меѓутоа, афирмацијата на идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија да се извршува во конфронтација со соседните држави и на штета на нивните национални интереси.

Поаѓајќи од својата одговорност да не внесува отворени прашања во рамките на ЕУ и да ги штити интересите, вредностите и авторитетот на Унијата, Република Бугарија ќе продолжи да бара трајни решенија што ќе овозможат понатамошен развој на билатералните односи и оптимален процес на преговори на Република Северна Македонија со ЕУ“, се вели во соопштението.

- Реклама -