Димитриевски: „Парафразирањата на Бучковски се национално предавство“

„Парафразирањето на Бучковски дека Македонците и Бугарите се еден народ во две држави (ставот на соседот) и повикот до нашите историчари да излезат од рамките на историографијата на поранешната држава (НОБ, АВНОЈ и АСНОМ) се чин на велепредавство“, смета кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, откако по назначувањето на Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија повторно станаа актуелни неговите интерјвуа за БНГЕС и „Слободна Зона“ на Георги Коритаров (на кое алудира Димитриевски) од пред околу половина година.

„Обидот на мала врата да се пласираат теориите дека за Бугарската страна е прифатливо дека Македонскиот народ постои од 1944 година е само потврдување на тезите дека ние сме вештачка творевина.

Ваквите изјави се спротивни на Македонските национални интереси и позиции, воедно спротивни и на Уставот и неговата Преамбула која се повикува на актите на Крушевското востание, АСНОМ и Референдумот од ’91-ва“, порачува кумановскиот градоначалник.

Според него, ваквите тези се на иста линија со врховистичката пропаганда:

„Во историјата на Македонија ваквите тези ги користеа изолирани поединци претставени од врховистичката пропаганда предводена од Ванчо Михајлов. Денеска во 21ви век тоа го слушаме од Бучковски, поранешен Премиер исклучен од редовите на СДСМ, човек кој во партијата се обиде идеологијата да ја замени со клиентелизам, лојалност и интриги.

Како долгогодишен и активен социјалдемократ јавно се оградувам од ваквите изјави кои ги сметам за лични и погрешни и во ниту еден момент не можат да добијат суштинска подршка од мене, а верувам ниту од членството, а најмалку од јавноста“, категоричен е Димитриевски.

Инаку, во интервјуто за „Слободна зона“, покрај тоа што ги повика македонските историчари да излезат од рамките на антибугарската историографија од времето на комунизмот, Бучковски рече и дека од ’41-ва до ’91-ва во земјава имало силна пропаганда што ги оддалечила „природните сојузници“ Македонија и Бугарија. Бучковски рече и дека со задоволство ги читал тогаш дадените интервјуа на Бојко Борисов и европратеникот Андреј Ковачев за македонски медиуми, во кои, според него (но не толку и според водителот), тие признаваат дека постои македонски народ и македонски јазик.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Бучковски рече и дека „историјата покажува и докажува дека имаме многу настани, дека имаме многу заеднички личности кои докажуваат дека сме исклучително блиски и дека така ги разбира заложбите на политичарите“, потенцирајќи дека доколку историчарите не покажат напредок, чекор треба да повлечат политичарите. Во интервјуто, тој истакна дека е неспорен факт дека сме имале заедничка историја и дека бугарскиот народ прв го формирал својот национален идентитет.

Впрочем, прашан дали е можно Скопје да ја прифати тезата дека сме биле еден народ со Бугарите, кој се самоопределувал како бугарски, Бучковски го започна интервјуто со следново:

„Според мое мислење, ако се тргне од Договорот за добрососедство, официјално ние прифаќаме дека сме имале заедничка историја, и тоа е непобитен факт. Но тврдењето дека ние всушност сме еден народ во две држави, во овој момент, во Република Македонија, ако се тера таа теза, ќе направи повеќе штета отколку корист“… Бучковски исто така спомена и отворање на дебата во македонското општество, посочувајќи дека таква треба да биде отворена и во бугарското.

Нешто порано, во изјава за бугарската БГНЕС, Бучковски истакна дека срамота е да нема пруга и поради тоа три и пол часа да се патува од Скопје до Софија, а вината за тоа ја препиша на македонската страна:

„Тоа создава сериозни проблеми и проблемот е на македонска страна. Јас не можам да не говорам отворено затоа што овде се чувствувам како во својот втор дом. Мислам дека многу работи кои ги наследи Македонија по независноста од времето на Југославија, сѐ уште се пречка во развивањето на вистинското сојузништво помеѓу двете држави“.

Бучковки потенцираше и дека не гледа поголем сојузник од Бугарија, а не пропушти ниту да ја посочи блискоста меѓу бугарскиот и македонскиот јазик. Покрај увереност дека Македонија ќе ги почне преговорите во јуни 2019-та (интервјуто се случува во февруари), Бучковски изрази и увереност дека во двете држави доаѓа време кога ќе биде јасно дека патот на Македонија кон ЕУ ќе оди рака под рака со Бугарија“:

- Реклама -