Левица и Апасиев повикуваат на „Антифашистички антивладин протест“ пред Владата

„Вечер пред Влада!“, повика претседателот на Левица – Димитар Апасиев, споделувајќи фејсбук евентот за „Антифашистички антивладин протест“ во „одбрана на АСНОМ-ските вредности и антифашистичката борба врз кои се поставени темелите на современата македонска држава“, како што се вели во описот.

„Македонскиот народ бил на правилната страна на историјата, давајќи бројни жртви во борбата против бугарскиот окупатор и затоа не дозволуваме да бидеме уценувани, понижувани и негирани од оние кои треба да се ИЗВИНАТ за своите злосторства!

Ниту една привремена Влада поставена од надворешни групи на интерес нема право да преговара и договара за децениската жртва и придобивките тешко издвојувани. Бараме ОСТАВКА од квислиншата влада и прекин на преговорите кои се водат единствено на штета на Република Македонија. За достоинството на народот не се преговара!

Се гледаме во 18:30 пред Влада со маски“, стои во најавата, во која се додава и дека на протестот не се добредојдени знамиња на ЕУ, затоа што Унијата остана нем поддржувач на шовинизмот на официјална Софија.

Покрај повикот од Апасиев, и Левица официјално го поддржа протестот. „Левица го поддржува народниот револт и повикува на вечерашните антивладини протести“, соопштија од партијата.

„Националното предавство на СДСМ е логична последица на претходно покрадениот народен имот од страна на крупните сопственици како финансиери на оваа партија. Кооперативноста со фашистичките сили е само нивно прибежиште пред налетот на работниците во одбрана на својата татковина.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Нема повеќе потреба конструктивно да се укажува и расправа за тоа зошто и како изјавите на премиерот Зоран Заев се погрешни, ревизионистички, па дури и фашистички, како рехабилитација на оваа империјалистичка идеологија“, велат од Левица.

Според нив, досега ниту еден политичар во триесетгодишната историја на независна Македонија не „успеал“ на овој начин, како Заев, „да ги собере сите можни црнила на македонската политика во себе“.

„Ваквата циркус-политика достигна ново дно. Започнувајќи со распродавање на националните економски капацитети, на македонската политичка елита, сега при нивното слугување на странските империјалистички сили, единствено ѝ останува да ги распродаде националните обележја, па дури и да тргува со историските факти поврзани со оваа нација.

Една од првите задачи на идната народна власт е, прво, да стави крај на овој процес, а потоа и да направи пресврт и да се придвижи во вистинската насока до целосно ослободување на државата, притоа казнувајќи ги сите кои Македонија ја довеле до оваа положба. Нашата задача пак, задачата на Левица, е да бидеме таква власт.

Левица го поддржува народниот револт и нашето раководство заедно со поширокото членство, ќе бидат присутни на вечерашните антивладини протести.

СМРТ ЗА ФАШИЗМОТ! СЛОБОДА ЗА НАРОДОТ!“, порачаа од партијата.

Апасиев, пак, во меѓувреме побара и негирањето на злосторствата на „бугарскиот фашистички окупатор“ да стане кривично дело.

- Реклама -