„Бугарија отсекогаш била пријателски настроена кон Македонија. И покрај негирањето на бугарското, ние им пруживме рака во сите тешки моменти. 30 години по промените, не може да сакаш да си во ЕУ и истовремено да славиш еден од најмрачните диктатори – Тито. Двете нешта се контрадикторни едно со друго“, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева, во „Тази недела“ за „bTV“.
„Велиме ‘не’ за започнување на преговорите, а не за членство на Северна Македонија во ЕУ“, додаде таа. „Не сметаме дека во овој момент се подготвени за исполнување на условите да започнат преговори. Не го исполнуваат Договорот за добрососедство, продолжува целата нивна надворешна политика да е базирана на омраза кон соседна држава и нејзиниот народ, така што нема како во оваа етапа ние да речеме ‘да’ “, рече шефицата на бугарската дипломатија.
Таа истакна дека е изненадена што дури сега македонската страна ја сфаќа реалноста:
„Ќе продолжиме да помагаме на Македонија, но не безусловно. Изненадена сум што тие дури сега го сфаќаат она што им го зборувавме сите овие години. Дури не сум сигурна ни дека сфаќаат“.
Захариева повтори дека Бугарија „не им го оспорува правото на самоопределување на Македонците“:
„Никој не им го оспорува правото да се самоопределат и да си го наречат јазикот како сакаат, но не сме согласни тоа право на самоопределување да биде базирано на омраза, кражба на историјата и негирање на Бугарија и бугарското. Како тргнале, ќе почнат да го негираат и постоењето на бугарска нација“, тврди министерката.
„Нивната идеологија продолжува да се развива на начин измислен од Тито или Сталин. Ако некој таму изрази мислење дека Северна Македонија треба да се приближи до Бугарија, тој е прогласен за национален предавник. За рамката за преговори се дискутираше месец и половина, но поради несовладливи спротивставености меѓу Скопје и Софија, решение за почеток на разговори на Северна Македонија за членство во ЕУ во оваа етапа не е можно“, категорична е Захариева.