Мицкоски за новата снимка: Тоа е истиот разговор, се сечат и монтираат парчиња по потреба на СДСМ и Заев, мислат дека тоа ќе им помогне

„Тоа е само еден разговор, а се сечат и монтираат парчиња по потреба на СДСМ и Зоран Заев. Мислат дека тоа ќе помогне нешто во нивната кампања за намалување на дебаклот што им следи“, вели за МИА лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, откако денес исто како и вчера, на Youtube профилот под псевдоним „Рекет“ објавена е снимка од неговиот разговор  со Зоран Милевски – Кичеец, во која вели дека Орце Камчев му помогнал кога „пред година и пол“ ја наследил партијата со исклучена струја, исклучена кабелска, неплатена вода и парно пред исклучување.

За МИА, Мицкоски вели дека тоа не е ништо ново:

„Јас сум го кажал тоа и во разговорот, дека кога ја преземав ВМРО-ДПМНЕ пред точно 30 месеци, партијата беше во незавидна финансиска ситуација, со блокиран имот од истата онаа судијка Димишкова која е сестра на оној адвокат Димишков, кој го слушавме како бара шест милиони евра од познат бизнисмен за да биде ослободен од притвор. Да, во тој момент имавме сериозни потешкотии, нешто слично претпоставувам како што ќе ја затекнеме државата после 15 јули. Останатиот дел од разговорот сум го коментирал и во минатото – дека мора да има правда и право, но она вистинско, а не онакво какво што му одговара на СДСМ и Зоран Заев“, вели Мицкоски, алудирајќи на делот од разговорот околу Законот за јавно обвинителство.

Прочитајте и:  Нашата желба и визија како две влади е да ја растуриме маглата од минатото и да гледаме јасно во иднината, порача Мицкоски од Приштина

Мицкоски дообјаснува дека тој и ВМРО-ДПМНЕ не се бореле Орце Камчев да се спаси од обвиненијата, туку против злоупотребата и политичкото влијание врз СЈО:

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се противело на работата на Специјалното јавно обвинителство, но и во минатото и сега ќе повторам, кога тоа беше оперативно имаше сериозни индиции за злупотреба и политичко влијание. Тоа се потврди преку она ‘Луј Витон’ куферче, преку оние разговори што минатото лето јавноста можеше да ги види. Всушност се потврдува на секојдневна основа дека еден од осудените во случајот ‘Рекет’ доби смртни закани, при што неговиот адвокат ги пренесе во јавноста, дека треба да молчи и да не кажува многу. Она што ние го знаеме, а се шушка гласно во кулоарите на Обвинителството, е дека Бојан Јовановски поднел неколку десетици кривични пријави против највисокото раководство на СДСМ и многу видни членови за злоупотреба, измама, криминал и корупција. Сепак, Обвинителството, вакво какво што е предводено од Вилма Русковска, тоа нема да го дозволи“, вели Мицкоски.

- Реклама -