Филипче: Наесен можен е сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран

Една од суштинските работи е сите контакти на заболените да бидат ставени во изолација, а еден од главните критериуми врз основа на коишто се проценува дали и какви мерки треба да се воведат е практично капацитетот на здравствениот систем, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за забелешките и препораките на СЗО за внимателност и ригорозно следење на контактите на заболените од страна на експертот на СЗО Фабио Скано.

Филипче истакна дека здравствениот систем има капацитет:

„Капацитетот зависи од бројот на слободни болнички кревети и бројот на кадар, којшто ние засега добро го менаџираме, има сосема доволен број и на кревети, меѓутоа и на лекари и медицински сестри со надополна, односно со оној систем на ротација за да им помогнат или ги заменат дел од лекарите или сестрите коишто сега се навистина преморени после овој период на интензивна работа од практично четири месеци“, рече тој.

Додаде и дека самиот Скано укажал дека сите чинители во општеството треба да се вклучат и дека граѓаните се еден од најважните сегменти, а во тој контекст утрово имал и средба во ИВЗ:

„Планирам да се сретнам и со претставници на МПЦ и со претставници на невладините организации и врз основа на тоа да иницирам еден состанок на којшто ќе присуствуваат сите претставници и претставници на владата, за да секој во својот делокруг на делување и влијание ја испрати исклучително битната порака до граѓаните – а тоа е дека само придржувањето до мерките значи побрз крај на оваа здравствена криза“.

Министерот, исто така, информираше дека изминативе 5-6 дена факторот на пренос на вирусот (R0) е под 1.0 (односно еден заболен заразува не повеќе од едно друго лице) и изрази надеж, со резерва, дека така и ќе остане во следниов период кога пред нас имаме летни месеци. Сепак, Филипче предупреди дека веројатноста е голема ситуацијата наесен да биде многу посериозна:

„Доаѓаат есенските месеци во коишто и времето нема да биде убаво, ќе бидат луѓето повеќе на затворено, ќе почнат да работат и школите; Тоа се сериозни ризик фактори, заедно со останатиот број на пациенти од друга патологија коишто очекувано би ги пополниле истите капацитети коишто се сега пополнети. Тоа може да претставува навистина сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран. Не само кај нас, туку насекаде во регионот – секаде гледаме пораст на пациентите. Во таа смисла и експертот на СЗО се сретна со повеќе лидери на верски заедници, невладини итн. Значи. мора да сме свесни дека сите сме заедно во овој процес“, порача министерот за здравство.

Во однос на мерките, истакна дека никаде во светот не постои друг механизам, односно некој друг принцип врз основа на кој би се вовеле некакви други мерки освен принципите на коишто се темелат и политиките, препораките, мерките итн. на властите во државава. Единствена мерка надвор од овие, додаде, би можела да била воведување карантин, но засега таква потреба нема, рече Филипче.

- Реклама -