Филипче на средба со новиот реис на ИВЗ: Во борбата со вирусот потребна е вклученост на сите општествени чинители

Oд огромно значење во борбата против коронавирусот е активна вклученост на сите општествени чинители и искористување на нивното влијание во заедницата во насока на подигнување на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита. За тоа е неопходен дијалог на сите општествени нивоа и токму затоа Министерството за здравство иницира заедничка средба на претставниците на владата, невладините организации и верските заедници на која ќе ги дефинираме начините за активно вклучување на сите и обединување во борбата со вирусот, информираше министерот за здравство Венко Филипче, потенцирајќи дека борбата со вирусот ќе трае и мора да научиме да живееме со него и да се заштитиме.

Во контекст на ова, Филипче информираше дека утрово остварил и средба со новиот реис на ИВЗ – Шаќир Фетаху, кој за разлика од неговиот претходник Сулејман Реџепи, не само што го смета вирусот за жив, туку и за опасен. Тоа го потврди и Филипче:

„Фетаху во целост се согласува со ова и ја поздравува иницијативата. Тој посочи дека ќе продолжи да дава максимална поддршка и свој личен придонес во напорите на институциите кои се справуваат со корона кризата во земјата“, истакна министерот.

И на вчерашната прес-конференција Филипче уште еднаш упати порака дека во борбата сме сите заедно и е потребен придонес од секој еден граѓанин:

„Ја следиме ситуацијата со болничките капацитети и медицинскиот кадар и на дневна основа, по потреба, правиме прилагодувања и ротации за да одговориме и на овој предизвик. Но, она што за нас е најважно, е поддршката на граѓаните, нивно целосно почитување на мерките и солидарност. Ако ова го имаме, многу брзо ќе ја надминеме оваа состојба. Сега кога во целост, постепено, се враќаме кон редовните животни активности, повеќе од било кога е важно сите да дадеме свој придонес во спречување на ширењето на вирусот. Сите сме заедно во оваа битка и секој еден од нас е важен“, истакна Филипче.

- Реклама -