„The Discoverer“: Баталете го Дубровник, наместо тоа посетете го Охрид

Како што популацијата се зголемува и сè повеќе луѓе посакуваат да патуваат, најпосетуваните светски туристички дестинации се подготвуваат за сè поголем број посетители од година во година. Кај некои од нив дојдено е до „точката на прекипување“ и се појавува анти-туристички сентимент, па некои од туристите се прашуваат дали сепак да ги посетат тие дестинации, пишува наградуваниот травел блог со околу 4.5 милиони читатели – „Discoverer“, во воведот на листата од пет светски познати дестинации кои треба да ги избегнувате. Во листата на „Дискаверер“ се Барселона (Шпанија), Maya Bay (Тајланд), архипелагот Галапагос (Еквадор), Мачу Пикчу (Перу) и Дубровник (Хрватска).

Арно ама, во листата Discoverer предложува и алтернативи, а како алтернатива за Дубровник наведен е, ни помалку ни повеќе, Охрид.

Посета на историскиот стар град на Дубровник е кремот на секој одмор во Хрватска, но толпите што ги преплавуваат неговите тесни улици и премини нема да придонесат за квалитетно туристичко искуство, пишува блогот за Дубровник. Гужвите уште повеќе доаѓаат до израз благодарение на крузерите, кои ги оставаат своите патници во голем број, со што придонесуваат за големо „отекување“ на населението во период од неколку часа, пред патниците повторно да се качат на бродот. Додајте ја кон тоа и зголемената популарност на градот поради главната улога во неверојатно популарната серија Game of Thrones, и добивате проблем од џиновски пропорции. Властите се принудени да делуваат, ограничувајќи го бројот на луѓе кои смеат да пропешачат по кревките бедеми – на 4.000 дневно, пишува Discoverer.

Наместо да се обидувате да бидете еден од среќниците кои ќе добијат билет за туристичките атракции на Дубровник, вкусете го прекрасниот град Охрид во блиската Македонија. Има шарм во изобилство, од своите ресторани крај брегот, па до античките цркви и манастири кои се чини ги има на секое улично ќоше. Поставен на најстарото езеро во Европа, градот има богата историја што ќе ве воодушеви, особено кога уживате без да се пробивате низ гужвите, порачува Discoverer.

За останатите четири локации и нивните алтернативи, прочитајте ТУКА.

- Реклама -