„Депресивната“ олимписка шампионка во пливање на 22 години оди во пензија

Литванската пливачка Рута Мејлутите, која минатата година јавно призна дека пати од депpecија уште од 2016-та главно поради притисокот да продолжи со успесите, соопшти дека ја завршува кариерата.

Како што вели во соопштението, таа сака да ги продолжи студиите, да доживува обични нешта, да созрее и подобро да се запознае себеси и светот.

„Подготвена сум да почнам ново поглавје во животот. Им благодарам на сите кои ме поддржуваа на овој пат“, вели 22-годишната пливачка.

На летните Олимписки игри во Лондон во 2012-та, Мејлутите на возраст од само 15 години го освои златниот медал во дисциплината 100 метри градно. Со тоа стана најмладата Литванка што освоила олимписки златен медал, а воедно сруши и 11 национални рекорди. Во полуфиналето во истата дисциплина на ОИ во Лондон, таа постави и нов европски рекорд со време од 1:05:21.

Во 2013-та, таа го подобри својот европски рекорд за 0.01 дел од секундата. На Светското првенството во водни спортови во Барселона постави светски рекорди во дисциплините 50 и 100 метри градно. На 17 години стана првата и единствена пливачка во историјата што барем ги освоила сите постоечки јуниорски и сениорски меѓународни шампионати.

Вкупно од меѓународните натпреварувања, Мејлутите има 20 златни, 10 сребрени и 1 бронзен медал.

За нејзината депресија, во една прилика рече:

„Некогаш се прашував што правам со животот, бидејќи сè ми изгледаше безначајно. Всушност ја бев изгубила перцепцијата за нештата, што правеше да ги игнорирам сите позитивни страни на мојот живот и да се фокусирам само на негативните. Тогаш не ми беше ни до тренирање, ниту до луѓе“.

 

- Реклама -