На официјалната кандидатура и другите официјални документи, професорката и кандидат за претседател – Гордана Силјановска-Давкова, фигурира како „Сиљановска“ (со „љ“). Во политичките препукувања на друштвените мрежи, злобните јазици се надоврзуваат на лапсусите што Силјановска ги имаше на митинзите (по тој во Неготино, вчера ѝ се лизна дека свекрва ѝ е од Кичево, наместо од Кочани) и одат дотаму што велат дека професорката ни сама не знае како се вика.
Ситуацијата сепак е поинаква, а по малку и комична. Како што објасни Силјановска во изјава за „Макфакс“, нејзиното „вистинско“ презиме е такво какво што треба да биде и според правилата на литературниот македонски јазик, односно е Силјановска, со „лј“. Арно ама, матичарите во личната карта на нејзините родители го напишале со „љ“, па таа, како што вели, е должна да го користи презимето што ѝ стои во документите. Сепак, таа остави простор дека во иднина можеби ќе ја поправи грешката. Изјавата погледнете ја ТУКА.