Заев и Ципрас: Нема опасност дека идните влади ќе го поништат Преспанскиот договор

Дури и да се смени власта во Грција и Северна Македонија, па и ако на власт дојдат најжестоките противници на Преспанскиот договор, нема да има негово поништување. Не само што е неповратен процес, како што констатира Заев, туку и тој и Ципрас се убедени дека Договорот е на цврсти нозе и ќе донесе само добивки за граѓаните на двете земји.

„Како премиер на Грција кој го претставува мнозинството од граѓаните на Грција, како тие што го поддржаа Преспанскиот договор и процесите на ратификација во Собранието – така и тие што се против, уверувам дека лидерот на опозицијата, и покрај неговото противење, се согласи и вети дека нема да поставува прашања по Договорот во иднина.

Јас не сум тука да критикувам и да се мешам во вашата внатрешна политика, но претпоставувам дека истото ќе се применува и во Северна Македонија во врска со политичката власт, затоа што во демократски држави дијалогот и соочувањето, конфронтациите, се две нешта што не се само прифатливи, туку и неопходни. Сепак, демократите мораат да почитуваат правила и регулативи. Парламентите ратификуваат, а документите што се ратификувани се обврзувачки за владите, засекогаш. Освен ако самите граѓани и самите народи не одлучат дека одреден договор не им е во корист.

Сепак, реалноста денес е различна. Како што ќе минува времето, така нашите граѓани, нашите народи ќе сфатат дека имаат многу корист, дека двете држави имаат многу корист. Тоа сакам да го потенцирам; Инвестираме во иднината, пишуваме историја, не сме затвореници на историјата, не сме заробени од историјата. И затоа јас верувам дека овој историски договор има цврсти темели и дека тоа е веќе видливо за сите, па и за оние кои се спротивставуваа на истиот“, порача Ципрас.

„Немаме некои докази што постојат околу нас во било која земја дека договори некој поништува. Посебно не договори кои носат придобивки за двете земји и за двата народи“, порача Заев.

„Договорот е во полн ек и почнува со својата имплементација. Јас сум силно убеден дека тој договор ќе донесе само бенефит, само придобивки, само убава иднина за двете страни – и за нашата, и за грчката страна, и за двата народи. Од тој аспект, ние политичарите постоиме да им служиме на граѓаните. А граѓаните уште сега во огромно мнозинство се ЗА договорите. Со самата реализација, тоа мнозинство ќе тежнее кон 100-процентно мнозинство. Јас сум убеден дека не постои политичар на светот кој што ќе тргне против граѓаните, затоа што тие се нашите бирачи.

Секако, ќе покаже времето. Опозицијата некогаш ќе стане власт… се надевам тоа ќе биде малку подалеку од денеска, во било која од двете страни… но кога и да се случи, праксата ќе покаже дека тоа што е постигнато секој сака да го сочува и да оди напред. Да работи за својот народ, да донесе нови придобивки. И знам дека тоа ќе се случи поврзано и овде во договорот. Во нашиот случај тоа би значело директно: Дали опозицијата ако стане власт ќе се откаже од НАТО, ќе ги врати работите во НАТО процесот? Тоа е договорот од Преспа и поврзаноста со НАТО процесот. Или ќе престане да преговара околу поглавјата од Европската унија?

Не, ова е неповратен процес. И секој што застанува заедно со ветрот кон процесот во функција на поддршка на договорот, може само да очекува придобивки од граѓаните на кои им служиме. Така што сум целосно убеден дека договорите ќе бидат поддржани во нивната имплементација и од опозициите во двете земји, затоа што ќе бидат поддржани од сè поголемо, огромно мнозинство на граѓаните од двете земји“, порача Заев.

- Реклама -