Home 365 Денес Вкупно 45 години затвор за седуммината соборци на ИСИС од Македонија

Вкупно 45 години затвор за седуммината соборци на ИСИС од Македонија

0
Вкупно 45 години затвор за седуммината соборци на ИСИС од Македонија

Кривичниот суд денеска им ги изрече казните на седуммината македонски државјани кои се бореа во редовите на озлогласената Исламска држава (ИСИС) во Сирија и Ирак, а од кои петмина беа барани со меѓународна потерница како дел од антитерористичките акции „Келија“ 1 и 2. Минатата година во август МВР молскавично брзо ги уапси веднаш штом САД и нивните сојузници, т.е. Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили ги испорачаа директно на скопскиот аеродром.

На претходното рочиште тие го признаа делото – „учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и терористичка организација”, а денеска судот им одреди затворски казни од вкупно 45 години.

По 6 години добија: Ељмдин Османи, Амин Џенгис, Орхан Жупани, Бујамин Фетоф, Ибрахим Шабани и Алмир Митровски. 9 години затвор доби Сафет Рамадани, поради учество и во организацијата на Исламска држава.

Освен учество во паравоените формации, тие собирале и финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, а преку социјалните мрежи и други видови на комуникација исто така и повикувале, врбувале и поттикнувале други лица.

„Судот утврди дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се теретат во обвинението. При одредување на видот и висината на санкцијата судот ги имаше во предвид олеснителните и отежителните околностите при што судот им ги одмери казните на сторителите во границите пропишани со закон за тие кривични дела имајќи ги во предвид евиденцијата за кривичната одговорност на сторителите, тежината на делата како и целта на казнувањето: Спречување на сторителите да вршат вакви и други кривични дела и нивно превоспитување“, рече судијката која го води процесот, Џенета Бегтовиќ, додавајќи дека осудените „изјавиле дека се виновни, дека се каат, замолиле за поблаги казни и ветиле дека нема да го повторат делото“.

Дел од адвокатите на осудените најавија жалби на одлуката, истакнувајќи дека висината на казната е превисока за кривичното дело кое го сториле.

„Овие луѓе биле ранети во Сирија, повеќе од 1 година престојувале во воени затвори, тоа е казната за нив, оваа казна што денеска беше изречена е превисока“, вели Сашко Христовски Липски, еден од бранителите.

Љупчо Веселиновски исто така смета дека казната од 6 години затвор е превисока:

„Според меѓународното право, притворот од повеќе од 1 година во Сирија треба да им се смета во висината на казната. За одлуката ќе поднесеме жалба до Апелацискиот суд“, изјави тој за „Макфакс“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here