Како МВР успеа да уапси седуммина терористи на Исламска држава?

СПОДЕЛЕТЕ

Никако, ете така.

Наводното апсење вчера беше една од главните вести на денот, а го пренесоа речиси сите медиуми, меѓу кои и ние. Па од каде да знаеме дека и соопштенијата на МВР треба да ги проверуваме за лажни вести?

Како и да е, во соопштението, кое и во овој момент стои на официјалната страна на МВР, од министерството информираа дека:

Денес, Министерството за внатрешни работи и надлежните институции на Република Македонија во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили лишија од слобода 7 лица македонски државјани за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак.“

Во истото соопштение, од МВР се пофалија и дека:

„Оваа акција е уште еден показател дека институциите на Република Македонија имаат капацитет и кредибилитет да се справат со актуелните безбедносни предизвици и се сериозен партнер во Глобалната коалиција за борба против тероризмот“.

Тоа што од МВР „заборавија“ да ни го кажат, меѓутоа, а денес излезе на виделина, е дека всушност се работи за репатријација (што денес го потврдија и Пентагон т.е. САД), т.е. дека борците биле уапсени од единици од Сириските демократски сили и потоа ѝ биле испорачани на Македонија од меѓународните партнери директно на аеродромот во Скопје, и тоа со превоз кој најверојатно бил обезбеден од САД.

Единствената „акција“ на МВР е во тоа што, како што наведува Асошиејтед Прес, по повеќемесечен притисок од САД, неколку држави меѓу кои и Македонија прифатиле репатријација на свои државјани кои учествувале во борбите на фронтовите во Ирак и Сирија. Македонија е една од последните во низата земји кои прифатиле да ги репатрираат терористите уапсени од страна на Сириските демократски сили. Се работи за вкупно 600 борци кои треба да се префрлат во земјите на потекло, но проблемот на САД е што голем број други европски држави одбиваат да ги примат назад, пишува Дојче Веле (таму ќе најдете и повеќе детали).

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ