Украина ѝ го забрани настапот на пејачката што требаше да ги претставува на Евровизија

На почетокот сè беше едноставно и јасно – пејачката Ана Корсун, која настапува под уметничкото име MARUV, регуларно победи на изборот за песна што ќе ја претставува Украина на Евровизија, и секако, се очекуваше таа и да ја претставува земјата.

Но набрзо прсти вмеша политиката, па одредени украински политичари се спротивставија на тоа таа да ја претставува Украина на Евросонг. Причината? Зашто во меѓувреме настапува во Русија.

Не многу подоцна се огласи и украинското министерство за култура, со порака дека „само патриоти кои се свесни за својата одговорност треба да можат да ја претставуваат земјата додека илјадници Украинци гинaт за својата територија“. Па така, националната украинска ТВ куќа на MARUV ѝ понуди нов договор, практично ултиматум, во кој привремено ѝ забранува да настапува во Русија, за да настапува на Евросонг.

На пејачката ѝ беа дадени 24 часа да одлучи, а одлуката таа ја соопшти вчера на Фејсбук. Го одбива ултиматумот:

„Денес имавме состанок со националната телевизија и не успеавме да дојдеме до договор. Кога ме повикаа да учествувам во националниот избор за песна на Евровизија, се согласив и победив и со голема гордост бев подготвена да ја претставувам својата татковина. Како што веќе реков, забраната за концерти во РУсија не е опција, од принципиелни причини“, напиша Корсун, додавајќи дека не сака нејзиниот настап да се претвори во промовирање на политичари.

„Главните разлики произлегоа од останатите ставки во договорот, кој, ако го потпишев, ќе ме заробеа. Јас сум музичарка, а не пион во политичка арена. Искрено им благодарам на сите што гласаа за мене. Но сакам креативност без цензура“, порача украинската пејачка.

И украинската ТВ куќа UA:PBC потврди дека не дошло до договор, па оттаму MARUV нема да ја претставува Украина на Евровизија. Засега останува непознато кој ќе ја замени.

- Реклама -