Индија се збогува со чичето што посади 5 милиони дрва (видео)

Вивешвар Дут Саклани последен пат прошета по земјава на 18 јануари 2019-та година, но ќе остане да живее во сеќавањето на многу Индијци како човекот кој самостојно садејќи дрва го претвори своето соголено село во бујна шума.

Саклани целиот свој живот ги сакал дрвјата, а првото стебло го засадил со вујко му кога имал 8 години. Таа традиција ја одржал цели 70 години низ својот живот, сè до моментот кога морал да престане поради губењето на видот и староста.

Но до тој момент, Саклани посадил вкупно над 5 милиони дрва, а неговото село Пуџаргон веќе одамна е голема шума. Љубовта на Вивешвар кон дрвата меѓу локалните била добро позната, особено сите засадени дрва ги именувал со имињата на своите деца и пријатели.

Меѓутоа, многу помалку луѓе знаат дека садењето дрва на Вивешвар му било начин да се носи со трагедиите на животот. Неговите роднини се сеќаваат на моментот кога починал неговиот брат, воен ветеран. Тогаш Вивешвар почнал секое утро да исчезнува во шумата и да ги поминува деновите садејќи дрва. Во 1958 година починала и неговата сопруга, па тој почнал уште повеќе време да поминува сам, засадувајќи нови дрва за да се справи со болката. Тоа го правел во знак на сеќавање на својот брат и својата сопруга.

Па така, Вивешвар засадил над 5 милиони стебла гуава, хималајски даб и други видови. Поради тоа луѓето од неговото село многу го засакале, но не било отсекогаш така лесно. На почетокот селаните се противеле, па дури и го тепале Вивешвар затоа што садел дрва на јавно земјиште. Но тој никогаш не се откажал и бил упорен во својата намера, до степен што за правото да сади дрва се изборил и на суд. Садењето дрва не е злочин, оценил судот.

Индиецот продолжил со пошумувањето сè до пред 10 години, кога го изгубил видот. Дотогаш има пошумено повеќе од 120 хектари. Во 1986 година му била врачена првата награда за зачувување на животната средина, а по неа следувале уште многу други. Неговата приказна во меѓувреме се рашири низ цела Индија, а благодарение на друштвените мрежи – и пошироко низ светот.

„Често ќе речеше дека нема девет, туку 5 милиони деца“, се присетува еден од неговите синови. Сега кога го нема, вели, неговиот дух ќе го бара во секоја шума.

- Реклама -