Генетски модифицирани кокошки несат јајца за поевтини лекови

Научниците успешно ги модификувале гените на кокошките така што сега кокошки можат да несат јајца со одредени протеини важни во производството на лекови за артритис и некои видови на рак. На овој начин, таквите лекови се и до стотина пати поевтини отколку кога се произведуваат во фабрика.

„Најважно е што кокошките не страдаат, вели д-р Лиса Херон од компанијата Roslin Technologies во Единбург. „Живеат во широк простор, а ги хранат и појат и чуваат обучени техничари. Би можело да се рече дека кокошките живеат прилично удобно“. Според неа, од перспектива на кокошките се работи за класично положување јајца и тоа нема никаков негативен ефект врз нивното здравје.

Научниците веќе некое време инсистираат дека генетските модификуваните кози, зајци и кокошки можат да се користат за производство на протеински терапии. Во споредба со фабричкото производство на потребните протеини, нивниот пристап е поефикасен, дава подобри резултати и е далеку поисплатлив, тврдат тие.

„Производството може да чини од 10 до 100 пати помалку отколку производството во фабрика, така што можеме да очекуваме барем 10% пониски трошоци за производство“, вели Херон. Се разбира, тоа би требало да значи и намалување на цените. Најголемата заштеда доаѓа од фактот што изработката на кафези за кокошките е многу поевтина од одржувањето на стерилни простории за фабричко производство.

Многу од болестите се предизвикани од тоа што телото не успева природно да ги произведе потребните протеини. Тие болести можат да се контролираат со лекови кои ги содржат истите. Меѓутоа, како што рековме, обично досега ваквите се произведуваа во фармацевтските компании, што е доста скапо. Не само што методот на Херон и нејзините колеги е поевтин, туку тие дополнително успеале да ги намалат трошоците за вметнување на човечкиот ген кој произведува протеин кај луѓето – во делот од ДНК-та на кокошките задолжен за создавањето на белката во јајцата.

Тимот се фокусирал на два конкретни протеини важни за имунолошкиот систем: IFNalfa2a – кој има силно антивирусно и антиканцерогено дејство, и макрофаг-CSF – кој се развива како терапија која ја поттикнува обновата кај оштетените ткива.

За производство на една доза лек се потребни три јајца, а кокошките можат да положат и до 300 јајца годишно. Со доволно (генетски модифицирани) пилиња, научниците се уверени дека лековите од овие протеини ќе можат да ги произведуваат во комерцијални количини.

„Сè уште не произведуваме лекови за луѓе, но оваа студија покажува дека кокошките се економски одржливи за производство на протеините соодветни за откривање лекови и други примени во биотехнологијата“, вели Хелен Санг – професорка од институтот Розлин на Универзитетот во Единбург.

- Реклама -