Колинда (Грабар-Китаровиќ) вчера уште еднаш украде момент кој не ѝ припаѓа, пишува хрватски „Индекс“ за хрватската претседателка.
Најдобриот хрватски фудбалер Лука Модриќ вчера ја прими Златната топка – наградата за најдобар фудбалер на светот. Тоа беше негов момент, момент за кој веројатно сонувал цел живот, момент за кој веројатно сонува и секое дете што почнува да се бави со фудбал.
Модриќ во фудбалот го достигна самиот врв. Тоа вчера беше навистина негов момент. Сé додека на екранот не се појави хрватската претседателка.
Колинда повторно украде момент кој не ѝ припаѓа
Од непознати причини, Колинда најде за потребно да се јави на самото доделување на наградата на Модриќ и да му го украде шоуто. И не само тоа; Колинда не само што му честиташе на Модриќ, туку и одржа цело обраќање од минута и пол седната во својата претседателска фотелја, како да се работи за некаков автократ, или уште полошо – диктатор, констатира „Индекс“.
Quand la présidente de la Croatie laisse un message à Luka Modric 👀 #ballondor pic.twitter.com/15U5n0AV49
— la chaine L'Équipe (@lachainelequipe) December 3, 2018
Се наметнува прашањето: Зошто Колинда се почувствува повикана да му се обрати на Модриќ во веројатно најголемиот момент во неговата кариера? На Модриќ на вчерашното доделување му се јавија неговите родители. Тие се сосема сигурно заслужни за неговиот успех.
Но која е улогата на Колинда во успехот на Модриќ, тешко е да се разбере. Државата чија претседателка е, сосема сигурно не е заслужна, констатира „Индекс“, а Колинда како претседателка уште помалку.
Згора на тоа, Златната топка е најпрестижната индивидуална награда која еден фудбалер може да ја добие. Тоа не е награда за колективен успех, па ни за тој на хрватската репрезентација на Светското првенство, во кој Колинда исто така немаше никаква улога ни заслуга.
Баш поради тоа што нема никаква врска со успехот на Модриќ, разумно би било, дури и некој да ѝ предложел да се обрати со видео-порака на доделувањето на неговата награда, таа љубезно да одбие. Но таа тоа не го направи.
Како што велат од порталот, им останало да ѝ постават едно, единствено прашање: Зошто се јавила на доделувањето на Златната топка на Модриќ? До објавување на текстот тие не добиле одговор, но причината за упорните обиди на Колинда да биде во центарот на вниманието, особено на спортските настани, можеби е јасна и без тоа; Како што потсетува „Индекс“, Колинда не се ограничува само на спортските настани.
Колинда веќе две години насила се бутка во центарот на вниманието. Почна со упад на сцена во театар
Во последните две години, Колинда едно десетина пати се најде во центарот на вниманието на настани кои немаа никаква врска со неа.
Со таа пракса почна во март 2017-та. Тогаш упадна на сцената на премиерата на балетната претстава „Лебедово езеро“, најпознатиот балет изведен во Хрватскиот народен театар во Загреб.
Не само што Колинда излезе на сцената, туку и по овациите кои ги доби ансамблот, заедно со нив ѝ се поклони на публиката. И не застана таму. Колинда присвои и дел од цвеќето наменето за ансамблот…
Во прв план успеа да се уфрли и во текот на комеморацијата на покојниот Оливер Драгојевиќ, кога пред камерите ја тешеше неговата ужалена сопруга Весна. Колинда седеше во прв ред веднаш до неа, а како што се гледа од купот фотографии од настанот, се чини и дека огромен дел од времето ѝ била залепена како фластер.
Позираше со медал кој не ѝ припаѓа
Во август годинава уште еднаш покажа дека нема проблем со преземање на заслугите за успесите со кои таа ни лично, ни како претседателка, нема баш никаква врска. Позираше со медалот на победниците на бродскиот маратон на Неретва.
Во септември, кога Меланија и Доналд Трамп позираа со челниците на сите држави, па така и со Колинда, за разлика од останатите претседатели кои едноставно стоеја до Трампови, Колинда некако се најде меѓу нив двајцата.
Да биде уште посомнително, во друга прилика ѝ го ископира и фустанот на Меланија.
Или оној пат кога од заднината на поворката успеа да се избутка меѓу Трамп и Столтенберг, па потоа и во прв ред, носејќи дреч црвен фустан меѓу прилично еднобојно облечените дипломат(к)и од остатокот од светот (нас лично, иако контекстот е сосема поинаков, нé потсети на финтата на Стивен Спилберг во незаборавната сцена со девојчето во црвено палто во инаку црно-белиот „Шиндлеровата листа“).
Kolinda i njena dostignuća. pic.twitter.com/bJhZAfZkOh
— njofranjofra (@njofranjofra) May 25, 2017
Им подели свои слики на деца и потоа ги потпишуваше
Кога се појави на отварањето на една манифестација во Водњан, Колинда реши да ја демонстрира својата популарност така што на децата им подели куп свои фотографии на кои потоа оставаше и свои автограми.
Сепак, на Колинда омилени ѝ се спортските настани
Па така, по освојувањето на Дејвис купот пред десетина дена, Колинда беше снимена како мафта со знамето и ги прегрнува играчите, а не ја пропушти ни приликата да се фотографира со пехарот. А кога во еден момент се најде во публиката, се помести едно 15 метри налево за да упадне во кадарот. Од нејзиниот кабинет тоа го објаснија со „безбедносни причини“.
На освојувачите на Дејвис купот Колинда им приреди и журка во својот кабинет, каде повторно во прв план, играше и пееше прегрната со тенисерите.
А на Дејвис купот, на тенисерите исто така им влезе во соблекувалната, баш како што направи и со фудбалерите на Светското првенство. За потсетување, по победата над Данска во осмина-финалето, Колинда ги посети и изгушка полуголите и испотени фудбалери во соблекувалната, а како што се покажа, тоа беше само првиот таков во низата слични упади.
Упади во соблекувалните и бакнување на пехарот на Французите
Во соблекувалната на фудбалерите им влезе и по натпреварот со Русија, кога прегрна двајца репрезентативци и со нив пееше „Зови, само зови“.
Шоуто го украде и на доделувањето на медалите на Светското првенство, кога освен хрватските и француските репрезентативци, таа го бакна и златниот пехар кој го освоија Французите.
На крајот, Колинда се најде и во албумот со самолепливи сликички на „Панини“, каде уште еднаш му го краде шоуто на Модриќ. На фотографијата на Модриќ, главата на Колинда ѕирка, се чини сосема намерно, зад грбот на освојувачот на златната топка.
Претседателката посебно ги сака туѓите успеси, особено спортските
Од сето ова може да се заклучи дека хрватската претседателка навистина сака да биде во центарот на вниманието. Но од нејзиниот порив таму да се најде без некаква посебна причина, се чини дека таа посебно сака да се најде во прв план кога станува збор за туѓи успеси, особено спортски, заклучува „Индекс“.
Логичен заклучок би бил дека Колинда тоа го прави за луѓето да ја асоцираат со успеси. Се чини извесен период тоа ѝ успеваше, но во последните истражувања нејзиниот рејтинг бележи прилично драстичен пад.
За причините зошто тогаш таа продолжува со истата тактика, „Индекс“ разговара со политичкиот аналитичар Жарко Пуховски.
„Колинда стратешки паразитира на туѓите успеси, но и тоа е подобро отколку да се бави со политика“, вели тој без влакна на јазикот.
„Мене ми се чини дека за сите нас, за јавноста, добро е претседателката што повеќе да се бави со спорт и забава, бидејќи барем не прави штета. Кога се бави со сериозни теми секогаш е на работ да направи штета или директно прави штета… Нека се забавуваат луѓето, нека биде таа една од оние вирални ѕвезди на интернет. Мене тоа посебно и не ми се допаѓа како набљудувач, но оценувам дека тоа е помала штета за заедницата отколку алтернативата“, вели Пуховски.
„Госпоѓата претседателка стратешки паразитира на успесите на другите и тоа не е необично со оглед на нејзината протоколарна улога. Но таа повремено има желба да игра и сериозна политичка улога, како што беше неодамна со нејзините обиди во аферата SMS, а потоа повторно се врати каде што најдобро ѝ оди, а тоа е спортот и музиката. Таму го покажува својот талент, кој може да се сведе на тип информации од забавен карактер, т.н. инфотејнмент (од entertainment). Им успевало и на други во светот, па ѝ успева и неа“.