Главоболки, ‘рчење, лошо спиење, болки во увото и лицето? Можеби ви треба забар

Луѓето, кога ги мачат главоболки или имаат проблеми со спиење, обично се јавуваат кај лекари од општа пракса, што некако и звучи најлогично. Но, во реалноста, можно е дека всушност им е потребен стоматолог.

Свеста околу тоа дека забарите можат да помогнат, за жал, е сепак многу ниска, како во јавноста, така и во медицинската професија.

„Дури и некои стоматолози не се дополнително обучени да можат да помогнат во решавање на одредени здравствени состојби, особено кај нарушувања на спиењето поради прекини во дишењето“, вели д-р Адити Десаи – претседателка на Британското друштво за стоматолошка медицина. „Многу доктори не сметаат дека вилицата е извор на болести, бидејќи тоа не е дел од нивната област“. Со вилицата се бават стоматолози“, додава Десаи.

Па така, повеќето пациенти помислуваат на одење на забар само кога им е потребен преглед или кога ќе ги натера забоболка. Но всушност, проблемите со спиењето, главоболките и болките во ушите и вилицата, можат да бидат предизвикани и од проблеми со забите.

Еден од проблемите, т.е. болестите кои можат да се јават во корените на забите, е и опструктивната апнеа (OSA), т.е. прекини во дишењето во текот на спиење. Во Велика Британија, на пример, од ова нарушување патат 1.5 милиони луѓе.

Според Десаи, OSA е честа појава кај луѓето кои чкрипат со забите (teeth grinding) во текот на ноќта. Иако таа појава се поврзува со сериозни здравствени состојби како висок крвен притисок, дијабетес, срцеви болести и мозочни удари, дури 85% од пациентите со OSA поминуваат недијагностицирани, бидејќи симптомите е тешко да се забележат, а и болничките/медицинските сервиси посветени на спиењето се ограничени. Од друга страна, до 40% од возрасните со OSA шкрипат со забите, вели Десаи.

„Мислевме дека е шкрипењето со забите во текот на ноќта е предизвикано од стрес, но има нова теорија која вели дека кај некои луѓе, тоа е резултат на тоа што не можат ефикасно да дишат за време на спиењето. Шкрипењето со забите може да е начин да се отворат дишните патишта“.

Симптомите можат да се оштетени или изабени заби, „порабен“ јазик (што е знак дека пациентот го прегризал во текот на спиењето за да ги отвори дишните патишта), макроглосија т.е. голем, здебелен јазик (што резултира со тоа што поради недостатокот на простор, устата го бутка јазикот наназад, а со тоа се блокираат дишните патишта), ниско меко непце (меко ткиво на задната страна на устата) и други попречувања на дишните патишта. Преку забележување на овие симптоми, како и ризик факторите од типот на ‘рчењето, стоматолозите можат да дијагностицираат OSA, т.е. опструктивна апнеа.

Стоматолозите можат да помогнат и во решавањето на низа други проблеми кои потекнуваат од забите и вилицата, како што се проблемите со ‘рчењето, но и утринските главоболки.

Главоболките уште на самиот почеток на утрото можат да се предизвикани од шкрипење со забите во текот на ноќта, што е случај кај третина од луѓето, вели д-р Мајор Пател – стоматолог од Атланта, Џорџија, кој специјализира во третман на мигрени, проблеми со спиење и болки во устата и лицето.

„Како што вилицата ги трие забите едни од други, не само што ги уништува забите, туку предизвикува и повреди на темпоромандибуларниот зглоб (зглобот што ја спојува долната вилица со черепот во близина на увото). Тоа може да резултира со дисфункционален темпоромандибуларен зглоб (TMD) – кој се манифестира со болки, запаленија и крутост на зглобот и околните мускули“, објаснува Пател.

Прекумерната употреба на овие мускули, како кај шкрипењето со заби, може исто така да го иритира и активира тригеминалниот нерв (одговорен за чувствување во лицето, но и за гризење и џвакање), што може да предизвика главоболки. Меѓу 30 и 50% од луѓето кои шкрипат со забите се жалат на главоболки во текот на утрото или во текот на денот.

„Токму истиот механизам може исто така да резултира и со болки во увото, ‘ѕвонење’ во ушите или чувство на исполнетост на увото“. Дури три четвртини од луѓето со TMD (дисфункционален темпоромандибуларен зглоб) имаат главоболки, во споредба со 45% од луѓето кои генерално се жалат на главоболки, вели студија објавена лани во Pain and Research Management.

Најважното е, вели д-р Десаи, докторите и забарите да работат заедни, за да можат соодветно да ги дијагностицираат овие пациенти, и потоа, се разбира, и да ги третираат.

Daily Mail

- Реклама -