Throttle/Brake – епизода 80: Најмоќниот Mustang и единствената Deborah

СПОДЕЛЕТЕ

Најотровната змија на Shelby го гризна коњот на Ford. Овој феномен се има случувано и порано, но сега последиците се епски. Имено, поради отровот од оваа змија, GT500 ќе биде најмоќниот (сериски) Mustang до сега. И најбрзиот.

Во една од моите претходни епизоди (епизода 23), пишував за помалиот брат на GT500, GT350 R. Токму овој автомобил ги промени правилата на игра во Ford и Shelby. Пред овој автомобил, сите “отровни” Мустанзи беа моќни, но глупави. Одеа само право, и доколку некој се обидеше да ги надмудри во свиоците, епилогот беше доста непријатен. Едноставно, имаа премногу сила која не беше паметно распоредена и зависна задна оска. Амерички хорор на тркала со 625 коњски сили. Но последниот GT350 се претвори во вистински тркачки адут, со хај-тек независна задна оска, паметна сила и одмерена аеродинамика. Во меѓувреме Ford го воскресна и феноменалниот GT, победи на Ле Ман, а во воздухот одекнуваше звукот на суперчарџер. Се беше спремно за најбрзиот Ford Mustang Shelby GT500 досега.

Официјален тизер – финалниот изглед на Ford Mustang Shelby GT500.

Ford Performance и верниот Shelby ги здружија силите и решија да стават крај на американскиот дуопол, во кој сеуште уживаат Corvette ZR-1 и Camaro ZL1. Типично американски, демек прагматично, го земаа одличниот GT350 R, ставија огромен суперчарџер на 5.0 литарскиот V8, и извадија над 700 коњски сили. Арно ама не застанаа таму…

За да не се коцкаат со кредибилитетот на најбрзиот Mustang, во игра го вклучија и неверојатниот Ford GT, односно дел од неговите аеродинамички решенија. Колку што можам да забележам на птичјата фотографија, користени се благородни материјали и карбон фибер, што е нетипично за еден Mustang. Автомобилот е подложен и на wide-body третман, има огромно задно крило, активна аеродинамика во предниот дел, и канали за спроведување на топлиот воздух од под хаубата, кои се камуфлирани со двете бели линии долж целиот автомобил. Силата ќе се пренесува на задните тркала преку полуавтоматскиот менувач со две квачила, позајмен од Ford GT. Неофицијално, двајца клиенти од листата за нарачки, со редни броеви 7 и 12, се “расправаа” дека GT500 со мануелен менувач би бил подобра long-term инвестиција, сметајќи на фактот дека рачните менувачи се во изумирање. Живи били, па видели.

GT500 никогаш повеќе нема да биде како своите претходници. Ќе биде брз и паметен, да не речам американски Mercedes AMG GT R. Целиот вложен труд, ќе биде достапен само за лимитиран број на среќници. Ќе биде скап, злобен и ексклузивен.

 

Славната Дебора

Деновиве од нигде никаде се појави старо-ново Ferrari, а јас мудро молчев, читав и слушав. Насекаде се пишуваше за Ferrari SP38 Deborah. Најинтересни ми беа приказните за “мистериозниот” среќник, чие one-off Ferrari чини повеќе од 4 милиони евра, а Дебора е неговата жена, љубовница… За волја на вистината, супер автомобилот чини повеќе од 4 милиони евра, но мистериозниот среќник е дама. Да, Дебора Маер, средовечна бизнис жена, која е дел од ВИП програмата Ferrari Corse Clienti.

Сопственичката на Ferrari SP38 Deborah, Дебора Маер (Actual photo).

Сега кога мистеријата е разрешена, без товар на плеќите ќе продолжам со техничкиот дел. Ferrari SP38 е всушност Ferrari 488 GTB, каде сите надворешни панели се заменети со нови, чиј дизајн е инспириран од моделот F40. Повеќе од јасно е дека Ferrari F40 е омилениот автомобил од младоста на Дебора, но дизајнот на единствениот SP38 открива “страшна” тајна. Дали Дебора, ВИП колекционерката на Ferrari автомобили, е фан на дизајнот на Lamborghini? Пресудете сами!

Lamborghini Asterion и Ferrari SP38 Deborah – Ferrari кое потсетува на Lamborghini?

Под овие убаво распоредени линии ,се наоѓа 3.9 литарскиот, твин турбо V8 со 661 коњски сили, кој SP38 до статија го забрзува за помалку од три секунди. Максималната брзина изнесува 330 километри на час. Перформансите и начинот на кој овој уникатен автомобил вози, се идентични, но за нијанса поконзервативни од оние на 488 GTB. Иако се работи за 1/1 автомобил, кој е Ferrari, јас лично не сум одушевен. Кога веќе ги имате средствата и можноста да си направите автомобил од вашите соништа, направете го како што треба. Зошто покрај 488 Pista, некој би се одлучил да прави dream car од 488 GTB? Ако сте вистински Ferrari фан, ќе знаете дека 488 GTB не е на нивото на кое беше 458 Italia. Но, ќе ја почитувам желбата и делото на сооственичката, и ќе завршам со заклучок дека SP38 е Ferrari 488 GTB, кое што излегло од салон за убавина.

Ferrari SP38 Deborah на Concorso d’Eleganza Villa d’Este.

Назад во 2007 година, Ferrari ја претстави Special Projects програмата, која на своите најлојални и најбогати клиенти им дава можност да го креираат своето Ferrari од соништата. Следен пат кога ќе слушнете или видите модел со ознака “SP”, ќе знаете за што се работи. Во продолжение, неколку Ferrari one-off модели.

Ferrari SP12 EC базиран на моделот 458 Italia за Ерик Клептон.
Ferrari P 4/5 базиран на моделот Enzo, за Џејмс Гликенхаус кој сакал модерна верзија на 330 P4.
Ferrari SP1, базиран на моделот F430 за Претседателот на Ferrari Club Јапонија, Јуничиро Хираматсу.
Ferrari F12 TRS базиран на моделот F12, омаж на моделот 250 Testa Rossa.
Ferrari F12 SP America, базиран на моделот F12, симбиоза од F12 TDF и GTC4 Lusso, за Дени Вегман.
Ferrari P540 Superfast Aperta базиран на моделот 599, за Едвард Валсон.
Ferrari SP FFX базиран на моделот California, за анонимен клиент од Јапонија.
Ferrari SP Ayra базиран на моделот 599 GTO, и е направен за индискиот бизнисмен Чераг Ајра.
Ferrari Superamerica 45 е базиран на моделот 599 SA Aperta, за Питер Каликов.
Ferrari 458 MM Speciale е базиран на моделот 458 Speciale.

Кој е Вашиот фаворит?

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ