Луксузно село пропаѓа поради алчноста на селаните

Пред 5 години милијардерот Чен Шенг потрошил 200 милиони јуани (31.9 милиони долари) за да изгради 258 луксузни вили за селаните од неговото родно село Guanhu во Кина, на имот доделен од локалната управа. Секој плац зафаќал површина од 280 метри квадратни, а секоја од трикатните вили располагала со 5 спални, две соби за прием, гаража и мала мала градина. Во селото поминува и мал поток, па Чен Шенг им изградил и неколку пешачки мостови, терени за кошарка и бадминтон, па дури и јавна сцена за разни културни настани.

Селото е комплетирано минатата година, а до ден денес уште зјае празно, благо речено. Не е дека куќите се скапи, или жителите треба нешто да платат за да ги добијат, или да исполнуваат некакви услови. Куќите се подарок и се бесплатни. Алчноста на локалните е таа што не дозволува да се финализира огромната великодушност на милијардерот.

Имено, според попис од 2013-та, во малото село живееле 190 домаќинства. Сепак, Чен изградил дополнителни 68 вили за да да се осигура дека и евентуалните доселеници во селото додека се градат куќите да би имале каде да живеат. Тоа се покажало како најголема грешка.

Штом планот бил најавен, луѓето од Guanhu почнале да се расправаат кој да добие една, а кој да добие по две или повеќе вили, од вишокот. Дел од семејствата тврделе дека ним им се најпотребни, затоа што имаат деца и ќе им треба дом каде да живеат кога ќе се венчаат. Но згора на алчните од селото, одеднаш интерес за враќање пројавиле и фармерите кои веќе извесно време го имале напуштено, се разбира, за да добијат и тие вила.

Чен Шенг за медиумите изјави дека бил толку разочаран од луѓето кон кои бил толку великодушен, што веќе две години го нема ни посетено селото.

„Штом се вратив во селото, сите почнаа да ме опсипуваат со разноразни барања. Затоа веќе не се враќам. Не би сакал пак да ми се случи тоа“.

Но чекајте, ако мислите дека луѓево пропуштаат само куќи, се лажете. Чен имал комплетен план за селото. Тој ветил и дека ќе изгради фарми за свињи и овоштарници близу до селото, создавајќи најмалку 100 нови работни места за жителите. Неговата фабрика за преработка на месо би ги откупувала свињите од фармите, така што тие би имале и гарантиран пазар каде што ќе можат да ги продадат. Според пресметките на Чен, за само 4 години просечниот приход на жителите на селото ќе достигнел по 200.000 јуани годишно (32.000 долари), така што тие не би морале да се грижат за образованието на нивните деца.

Но ете, луѓето се сé уште зафатени со меѓусебно вадење очи, а плановите се ставени во мирување, на неодредено време. Последните вести се дека ќе се состане селскиот комитет за да се обиде да го реши бизарниот проблем.

Но дури и да се закопаат комшиските секири, што би се рекло, тоа нема да биде така едноставно. Во целово ова време што вилите зјаат празни, селото стана мета на вандали. Порано месецов најмалку 10 прозорци биле искршени со камења, а веќе речиси на целото село му се потребни поправки.

Со секоја почит кон Шенг, но ништо чудно ова да се најлошо потрошените 32 милиони долари.

- Реклама -