Цигарите треба да се илегални

Во еден мејл испратен од американската FDA (Агенција за храна и лекови), пушачите ќе прочитаат нешто што нема да им се допадне: „Цигарите се единствениот легален потрошувачки продукт, кој кога се користи како што е предвидено, убива половина од редовните корисници“.

Ништо ново, нели, ама е вистина.

Замислете што ќе беше ако некој ги измислеше цигарите денес: нешто што го гориш, создава непријатен чад, и ќе те убие ако продолжиш да го користиш. Плус создава зависност, намерно дизајнирана за да те натера да продолжиш да го користиш.

Реално гледано, нема причина за цигарите да бидат легални. Можеби не ни се допаѓа владата да решава што смееме, а што не смееме да правиме (за дрога, ете, не ни смета), ама моментално тоа ни го прават тутунските компании.

Поконкретно, тутунската индустрија ни продава филм дека е океј, па дури и кул, да запалиме пар канцерогени и да го вдишиме чадот. Бонус: Освен со нашите, се ‘рчкаме и со белите дробови и мозоците на луѓето околу нас. Зошто по ѓаволите би сакале да го правиме тоа?

Американската FDA, иако задоцнето, почнува храбро да се справува со ситуацијата. Лани објавија дека имаат авторитет и моќ да влијаат на нивото на никотин во цигарите, а нивната моментална намера е да постават максимален лимит (на дозволен никотин) кој е под нивото кое предизвикува зависност.

Ако на ова се работи во САД, веројатно на истото се работи и во Европа. Ако ова помине во САД, веројатно ќе се прелее и во Европа. Што ќе значи тоа? Ќе значи, буквално, дека веќе ќе го немаме изговорот дека пушиме затоа што сме зависни, затоа што не можеме да ги оставиме. Буквално ќе значи дека си ги полниме белите дробови со ѓубре и отров без причина.

На тутунската индустрија ќе ѝ треба многу среќа да преживее во една таква клима. Но веројатно ќе ѝ успее, затоа што отсекогаш биле иновативни и наоѓале нови начини на рекламирање и „нови жртви“. Прашањето е само едно: Дали ние (јас и вие лично) ќе бидеме/останеме меѓу нив.

- Реклама -