Зошто е добро да пиете кисела вода

Кога во вода под притисок ќе се раствори мала количина гас јаглерод диоксид, се добива блага јаглеродна киселина што на водата ѝ дава специфичен вкус и меурчиња. Викајте ја „кисела“, „минерална“, „газирана“… Сеедно. Тоа и понатаму е вода, и е добра за за здравјето.

Киселата вода го хидрира организмот и ги ублажува болките во горниот дел од стомакот, како и подуеноста, гасовите и мачнините.

Ова се само дел од причините што ја прават киселата вода да биде одлична алтернатива за слатките безалкохолни пијалоци. Другите се што не содржи шеќер и фруктозен пченкарен сируп,  па можете да ја пиете толку колку што на вашиот организам му е потребна.

Притоа, при пиењето на минерална вода внесуваме и материи кои нам често ни недостасуваат, а се неопходни за здравјето – како на пример јод, кој е неопходен за правилна работа на штитната (тироидната) жлезда.

Во истражувањето објавено во „European journal of gastroenterology and hepatology”, се наведува и дека газираната вода значително ги намалува пречките во варењето и им помага на лицата кои страдаат од хроничен запек. Меурчињата во киселата вода помагаат во варењето затоа што придонесуваат за благо зголемување на лачењето на желудочната киселина.

Киселата вода исто така го зголемува и чувството на ситост, па затоа често се користи како составен дел од диетите за слабеење.

Како што велат од клиниката Mayo, киселата вода е подеднакво здрава како и обичната, а единствено е важно дневно да ја пиете потребната количина. Па ете, ако сте љубители на кисела вода, значи и дека сте добро хидрирани.

Патем, да потсетиме, од слични причини во Париз поставија дури и градски чешми со минерална вода.

- Реклама -