Што ли му треба на еден град што има (скоро) сé што му треба? Аха, им текна, фонтани со бесплатна газирана вода!
За волја на вистината, Париз има поставена мала мрежа од фонтани кои диспензираат свежа газирана вода ширум градот уште од 2010-та година. Досега имаше 8 такви диспензери, но сега градската управа почна амбициозен проект да постави такви фонтани во секоја од 20-те париски арондисменти (читај: општини). Неодамна беше поставена првата од 9-те планирани за до крајот на декември. За неколку години, ништо чудно на секое ќоше на Париз да има фонтана со газирана вода.
Но зошто, по ѓаволите, на парижани би им требало ова? Образложението на градските власти е дека со оваа сакаат да ги натераат/мотивираат граѓаните да пијат повеќе вода, бидејќи не биле доволно хидрирани. „Луѓето често ми велат дека би пиеле повеќе вода од чешма кога би била газирана“, рече Ан ле Страт – директорка на париската управа за вода, кога беше инсталирана првата ваква фонтана во 2010-та. „Сега немаат изговор да не пијат“, поентираше во итнервјуто.
Очекувања vs. реалност
Веќе го замислуваме Париз како „градот на светлината“, а па којзнае колку ќе биде поблескав со фонтани со газирана вода на секој чекор, нели?
Па…
И Париз, како и другите градови, уште при првиот контакт знае да ти удри шамар и да те потсети дека не треба да фантазираш. И Париз има облаци, киосци за бургери и други фалинки, вели Фергус О’Саливен – новинар на Citylab, кој имал прилика да го посети баш во овој период. Попат решил и одблизу да ја испита работава со газираните фонтани.
Не било лесно да се најде таква; ја нашол незабележлива на една пешачка патека во близина на францускиот парламент. Вика: „со својот едноставен и истрошен изглед, фонтаната беше како дизајнирана за да ги истрола фантазиите на странските посетители на Париз“ – ишарана со графити тагови, прекриена со слузава материја и со само едно функционално од две копчиња.
Е, ама водата била „превкусна“. О’Саливен вели дека не претерува кога ја опишува како „магично изненадување“, со оглед на состојбата на фонтаната. Студена, но не премногу, таман газирана и полна со меурчиња, и супер освежителна за во благо сончево есенско попладне. „Пиејќи ја, се потсетив дека животот навистина може да биде прилично добар“.
Париз несомнено има и поважни проблеми. Но ете, ако веќе некој град поставува фонтани со газирана вода (што може да биде постигнато со едноставно инсертирање на боца со CO2 во основата на фонтаната), и притоа достапни за сите, тогаш Париз е дефинитивно правиот кандидат. Впрочем, единственото попариско нешто што Париз може да го направи би било да постави диспензери за мали француски пудлици.