Каде во авионот најмалку се чувствуваат турбуленции?

„Почитувани патници, ставете ги појасите“… За некои патници и ова е доволно за да почнат да се чувствуваат непријатно. И со право, бидејќи може да значи дека ќе следат турбуленции.

Турбуленциите се секогаш непријатни, но посебно за оние со страв од летање или чувствителен желудник. Како утеха, под услов да им се падне правото место, може да им послужи тоа што не секој дел од авионот подеднакво се тресе.

„Во суштина, најмалку ќе ги почувствувате турбуленциите ако седите во средина на авионот“, објаснува професор Андреас Стромајер од универзитетот во Штутгарт.

Авионот најмалку се тресе во делот каде крилата се спојуваат со трупот, објаснува тој. Исто така, патниците сместени околу средината на авионот најмалку ги чувствуваат и промените во правецот на летање.

Од друга страна, „најнемирен“ е задниот дел од авионот. Кога пилотот управува со кормилото, патниците на опашката од авионот можат да се почуствуваат како некој да ги влече од седиштето, а не е многу поудобно ни кога има турбуленции – тогаш добивате чувство како некој да ве бутка.

Местото во задниот дел на авионот не е идеално ни при полетување. „Кога авионот се крева, тие позади имаат чувство како да паѓаат со лифт“, вели Стромајер.

Па ете, барем да си знаете што ве очекува.

- Реклама -