Рекордна стапка на самоубиства меѓу француските полицајци

Бројот на самоубиства меѓу полицајците во Франција достигнува рекордни нивоа. Тоа предизвика сериозна загриженост во врска со менталното и емоционалното здравје на луѓето чија должност е да служат и да го штитат населението.

39 полицајци се самоубиле од јануари годинава, а за уште два смртни случаи постои сомневање дека се резултат на самоубиство, пишува британскиот весник Daily Express.

Најголемиот дел од самоубиените полицајци во последниве 11 месеци се од Париз, каде што работат вкупно околу 36.000 заштитници на редот и поредокот. Од десеттемина полицајци кои се самоубиле во последните два месеци, дури седум се од Париз.

Како што пренесува радио France Bleu, кај мажите полицајци тенденцијата да си го одземат животот е поголема отколку кај нивните женски колеги. Од 39-те самоубиени годинава, само три се жени.

Ризикот од самоубиство меѓу полицајците во Франција е „најмалку три пати поголем“ отколку вообичаениот просек во земјата, информира France Blue. Додава дека иако повеќето се самоубиле поради „лични причини“, сé повеќе смртни случаи се поврзани со стресот предизвикан од работата.

Според полициските синдикати, негативниот ефект врз психичката состојба на полицајците доаѓа од антисоцијалната природа на нивната професија, зголемувањето на обемот на работата, но и на нивото на стрес поради бранот екстремистичко насилство во Франција.

„Повеќето полицајци работат во пет од шест викенди, иако треба да имаат слободен викенд еднаш на две недели“, вели Луј-Гај Дибоа, член на синдикатот Police Force Ouvrière. Според него, растечката закана од исламски тероризам ги ставила француските полицајци под голем притисок.

„Да им се даде слободно време на полицајците претставува административна главоболка, особено сега кога се најпотребни да патролираат по улиците и да спречуваат напади. Бројот на полицајците кои работат прекувремено (по бранот напади), нагло се зголеми. Полицајците се подложени на невиден притисок“, истакнува Дибоа.

Околу 1.133 полицајци во Франција извршиле самоубиство во последните 25 години. Околу 50% од нив си го одзеле животот со службеното оружје, наведува France Bleu.

- Реклама -