Сексот и сексуалната слобода во скандинавските земји

„Имам живеено во Осло. Сум живеела и во Стокхолм. И во двата случаи како сингл. Беше интересно, но пред сé – поучно. Но кога пред 15 месеци се доселив во Копенхаген, веќе не бев сингл. Се селевме со партнерот од кварт во кварт, го запознававме градот, ги опознававме карактерите, ги запознававме локалите… Знаете како е.

Но исто како што тоа што носиш панталони не значи дека не можеш да пробаш нови фармерки, така и еден дечко не се покажа како пречка во мојот академски стремеж да се запознаам со една неортодоксна (според нашите балкански сфаќања) дејтинг култура, каква што е скандинавската.

Вистината можеби и се раѓа низ спорењето, како што тврди Сократ, но до вистината за тоа како се случува сексот на 53-тата северна паралела се стигнува на друг начин. За да откријам, не морав деноноќно да се тркалам низ туѓи чаршафи, ниту пак да коментирам на секс статиите за травестити, објавувани на некои од данските таблоиди. Зашто понекогаш од барменот со тетовирано лице кој ви точи Carlsberg, и од девојката со чизми облечени на боса нога, која пие ѓумбиров чај од 9 евра – може да се научи страшно многу повеќе за сексот и градот“, пишува Маја Вуковска – Вучето на својот блог. Во продолжение следува дел од наученото од нејзиниот живот по скандинавските земји.

Исто ко на Балканот…

Не за џабе луѓето ја асоцираат сексуалната слобода со Скандинавија, и општо, нордиските држави. Глетката на жени само по градници во градските паркови во летниот период, доаѓа како шок за голем дел од странците кои го посетуваат полуостровот за прв пат. Локалните, пак, го сметаат разголувањето на јавно место за целосно нормално.

Кога во август во Копенхаген се одржува гол маратон, другиот ден весниците и електронските медиуми се полни со слики и снимки од настанот. На ниту една од тие слики гениталиите на учесниците не се цензурирани (гуглајте „Roskilde Festival marathon“ со исклучен филтер, и ќе се уверите). Тоа е така не затоа што Скандинавците се ужасни перверзњаци, туку затоа што гледаат на сексуалноста многу полиберално отколку луѓето „на која и да е друга точка на планетата“.

Ослободени од пуританските ограничувања, луѓето од Северот отсекогаш пројавувале прогресивен став по прашањата на индивидуалните слободи и сексот. Во Шведска абортусот е легализиран со официјален акт уште во 1938 година! А Данците се првата нација во светот која на истополовите партнери им даде право да склучуваат граѓански брак.

Сексот во градот

Но, кога станува збор за сексот во 21-от век, ситуацијата во скандинавските земји станува уште поинтересна. Ако си сингл младич кој во сабота навечер излегол „во лов“ по ноќните клубови, фино е да се спремиш на можноста дека ќе се вратиш со празни раце. Иако обожаваат да флертуваат (особено по неколку пијачки), скандинавските девојки ќе те измерат од глава до пети, онака од високо, со одмерен поглед, до степен што ќе почнеш да се сомневаш во својот сексапил и интелект. Дури потоа ќе ти прозборат.

Таквото однесување го стекнале не затоа што постојано се возат на јахти на богаташи или затоа што се имаат сликано за насловна на Плејбој. Не, туку поради нешто што се нарекува „Законот на Јанте“ – што е сет од друштвени правила на однесување, кој во основа се сведува на една реченица: „Не си вообразувај дека си поважен или попаметен од нас другите“. Во пракса, таквото начело им овозможува на жените да се однесуваат како никој маж да не е којзнае колку специјален. Без разлика што работиш, на каква функција си, што кола си паркирал пред локалот, и колку пари имаш.

Па така, Законот на Јанте, заедно со начелата на општествената еднаквост, служат како цврста основа на едно од најфеминистичките општества во светот.

Ако имаше трка во сексуална слобода, Данците ќе беа први

Ова тврдење го потврдуваат и фактите. Како прво, сексуалната едукација на младите почнува уште од рана детска возраст, што потоа несомнено води до позитивни резултати во иднина.

На пример, Данците обожаваат да експериментираат во сексот. Всушност, една од омилените занимации во слободно време (а слободно време имаат многу, бидејќи се нацијата со една од најкратките работни седмици во Европа) им е свингерајот (нешто како „мењам жену“, ама во буквална сексуална смисла). Токму Данците се иницијатори на Меѓународната недела на свингерите, која се организира секоја година од 2008-ма наваму.

Исто така, ко за нација од 5.5 милиони, Данците можат да се пофалат и со најголемата банка за сперма во светот… Хм, сега кога го спомнавме, можеби тоа е причина за најкратката работна недела? Шегата настрана, да видиме што е со Шведска и Норвешка.

Во Шведска и Норвешка исто така неуморно работат на создавање на ново поколение. Со пристигнувањето на летото, буквално паѓаат сите пречки.

Сексуалната активност го достигнува својот пик на денот на летната долгоденица, која е и најважниот празник во календарот, после Божиќ. На овој ден страстите навистина се разгоруваат. Подпивнатите славеници играат без пауза и замор околу дрвени колци во форма на фалуси, украсени со цветови и цветни венци. Како резултат на тоа, девет месеци подоцна, околу 22-ри март следната година, традиционално се бележи значителен скок во бројот на новородени.

Рејкјавик – сексуална турлитава

Ако проучувањето го прошириме на малку поголема територија надвор од Скандинавија, мора да го спомнеме Рејкјавик.

Таму целиот ритуал на додворување делува тотално измешано, во смисла дека етапите не го следат она што се смета за природен тек на една врска – прва средба, па кино/вечера, па пијачка, па нетрпеливо очекуван прв бакнеж, па дури потоа прашањето „кај мене или кај тебе?“. Во Исланд оди вака: прво секс, па некое филмче, па им се раѓаат две-три деца, па почнуваат да живеат заедно, па дури потоа брак (ако воопшто се венчаат).

Затоа, да не се чудите ако се спанџате со некој локален тип или типка, па дури по сексот ве праша како се викате и дали сакате да се видите другата недела.

Финска, сексот, сауните, и животните

Битно е ова да го знаете, за да не се залетате. Особено што знаеме колку многу порничи почнуваат со сцена во замаглена сауна, па може да добиете погрешна слика.

Имено, за повеќето странци, сексот во финска сауна е како снежниот човек Јети – сите слушнале за него, ама никој го нема видено со свои очи. Вистината е дека за Финците сауната е свето место, а мувањето и сексот на тоа место се сосема недопустливи. Тоа место е толку лишено од сексуална конотација, што во минатото дури и финските бабици ги породувале мајките во сауна, бидејќи се сметала за најстерилно катче во домот.

Освен за љубителите на сауни, Финска е правото место и за љубителите на животни. Во буквална смисла. Ако случајно кон вашиот миленик негувате и романтична и сексуална наклонетост, т.е. сакате врската да ја однесете на „следното ниво“, финскиот закон во тоа нема да ве спречи. Финска е единствената земја во Европската унија во која не постои закон за забрана на секс со животни.

Да сумираме

Сексуалната слобода знае да е добра, корисна, прогресивна, ама и чудна, па и бизарна.

Ете, во Данска не треба да се фураш дека си помаж од другите мажи. Во финска сауна одиш САМО за да се потиш, ама па затоа можеш да си ја изведеш омилената крава на вечера под ѕвездите и да не се плашите дека некој ќе ве прекине на најинтересното. Голем дел од Викинзите на иднината ќе излезат од епрувета. Исланѓаните (фигуративно речено) прво ќе ти влезат, па ќе ти тропнат на врата. А ако сакаш дете, треба да играш околу дрвен фалус забиен во земјата, точно на 22 јуни.

- Реклама -