Амстердам ќе трансформира поранешен затвор во ултрамодерен градски кварт

Bijlmerbajes – некогаш место без многу надеж, а сега локација со извонредно светла иднина. Се работи за поранешен затворски комплекс во Амстердам, за кој холандската влада одобри проект кој ќе го трансформира во ултрасовремен градски кварт.

(Мега)планот е резултат на соработка на две компании – FABRICations architects и LOLA Landscape. Според планот, шесте кули на затворскиот комплекс ќе бидат трансформирани во Bajes Kwartier – зона која ќе користи обновливи извори на енергија и ќе биде изградена од рециклирани материјали.

Затворот е изграден во 70-тите години од 20-от век, во близина на железничката станица Амстел. Тој е добро позната градска знаменитост, но е надвор од функција од јуни 2016 година.

Иако шесте кули на комплексот се меѓусебно поврзани, географски центар на новиот станбен кварт ќе биде административната зграда. Bajes, од друга страна, ќе биде зона во која речиси воопшто ќе нема автомобили. Фокусот ќе биде насочен кон подигнати тротоари за пешаци и улици исклучиво наменети за велосипеди (т.е. велосипедски патеки). Според проектот, квартот ќе располага со 1.350 станови, меѓу кои и луксузни имоти.

Сите кули на затворот ќе бидат срушени. Главната, административната, ќе биде трансформирана во зелена кула со вертикален парк и урбана градина. Паралелно ќе стане и центар за уметност и дизајн. Предвидено е да располага и со ресторан, здравствен центар, училиште, паркови, водни капацитети и подземен паркинг.

Според планот, проектот ќе започне на стартот на 2018 година.

Ако во меѓувреме ви падна чудно како тоа Холандија руши еден вака голем затворски комплекс кога во други земји (од кои некои почнуваат на Мак…) пекаат за дополнителни казнено-поправни капацитети, очигледно не сте прочитале дека Холандија всушност увезува затвореници. Еве зошто.

- Реклама -