Зошто постарите лица зад воланот се опасни

Американските научници открија зошто постарите возачи имаат тенденција да не ја проценуваат добро ситуацијата на патот. Не се рефлексите, не се ни очите, туку одреден дел на мозокот, дел чија функција со текот на годините слабее.

Функцијата на овој регион од мозокот е да ги „сокрива“ движењата што се одвиваат на поголема далечина, за да го зголеми фокусот врз блиските објекти и случувања. Со други зборови, ја затскрива позадината, а го истакнува тоа што е во преден план. Нарушување на функцијата резултира со намалено внимание на стариот возач кон непосредната околина, било да се работи за автомобили, велосипеди, пешаци, итн.

Од претходните истражувања се знаеше дека постарите возачи посветло ја перцепираат позадината од младите возачи, на пример пејзажот за време на патување. Но не се знаеше кој е регионот од мозокот „виновен“ за тоа. Истражувачите од универзитетот во Рочестер, под водство на Даџ Тадин, успејаа да го мапираат. Излезе дека причината е во средната темпорална област на оптичкиот центар.

Користејќи транскранијална магнетна симулација, научниците спровеле тестови врз доброволци, кај кои привремено ја промениле активноста на тој мозочен центар. Кога функцијата му била нарушена, испитаниците подобро ја восприемале позадината.

„Количината на визуелни информации кои нé затрупуваат е огромна, и мозокот не ни е во состојба да ја преработи целата“, објаснува Тадин. „Затоа мозокот треба да може да се фокусира на важните нешта; во случајот со возењето, тоа се малите објекти во преден план, а не поголемите што се наоѓаат на поголемо растојание. А токму таа способност на средната темпорална регија се намалува со возраста“.

- Реклама -