Се обидела да прошверцува 102 iPhone-и залепени околу телото

Кинеските цариници фатија амбициозна шверцерка во обид да внесе 102 iPhone-а во земјата, залепени како појас околу нејзиното тело. Локалниот прес ја нарече „женски Iron Man“.

Цариниците се посомневале бидејќи им изгледало дека „носи повеќе облека отколку што е соодветно“ на топлото време, а и телото ѝ изгледало непропорционално со тенките раце и нозе. Кога жената била тргната на страна, нашле iPhone-и, како и 15 луксузни часовници, завиткани во четири слоја околу нејзиното торзо и струк. Сите предмети биле обложени со пластична кеса, а вкупно тежеле речиси 20 килограми.

Apple ги продава своите производи во Кина веќе со години, но шверцувањето продолжува да е проблем, макар што властите во последно време поактивно се борат против истото. Се работи за лукративна активност – телефоните чинат 30% повеќе во Кина, поради разните такси и даноци.

Граничарите од Шенжен (каде што е фатена жената) велат дека обично фаќаат шверцери со по 10-тина iPhone-и, ама некогаш и со по 80. Во 2015-та, на пример, човек беше уапсен за обид за илегално внесување на 94 iPhone-и во Кина, залепени во прстени околу неговото тело и меѓу нозете, запечатени со пластични кеси и леплива лента. Како и да е, никогаш вака мала жена, велат цариниците, не се обидела да прошверцува 20 килограми телефони.

Можеби криумчарите ќе имаат повеќе среќа зимоска, со дебели јакни и демек џемпери.

- Реклама -