Coming soon: Луѓе со осум палци и четири раце

Ја монтираш на раката и добиваш палец и на надворешната страна од дланката, до малиот прст. Поврзана е со bluetooth уред на ногата, и сензори за притисок во чевлите. Додека седиш, притискаш со ногата и така го движиш палецот.

Добра е за играње карти. Добра е и за дупло повеќе да му сработиш на шефот.

Но чекајте, тоа не е сé. Кај и да е ќе добиеме и по уште две раце. Проектот е наречен MetaLimbs (од limbs=екстремитети) и во моментов е во развој на Универзитетот во Токио, во соработка со универзитетот Keio.

Како што гледате, и рацете се контролирани на горе-долу ист принцип како и палецот, со нога. Тоа значи дека користењето на рацете и палецот во комбинација може да биде проблем. Ама нас ни текна решение и за тоа – втор палец и на ногата, за да ги контролира рацете. А овој палец ќе го контролираме со… ај ќе преќутиме, деца може читаат.

Како и да е, можете ли да замислите? Одите на работа и газдата ви дава пар раце и 2 пара палци (купени од фирмата, нормално). Сработувате шест пати повеќе. Платата иста. Какво прекрасно време да се биде жив!

Чисто да се знае, не кенкаме против технологија и напредок (кој не сака да има 4 раце како Горо од Мортал Комбат?), туку против злоупотребата што уште сега можеме да ја намирисаме.

Туку… Замислете вештачките раце да ги направиме со 10 прсти, а?

- Реклама -