Што всушност објаснува совозачот во рели трките?

Музичарите свират по ноти, ама свои ноти имаат и рели возачите. Ги викаат pacenotes, од pace – темпо. Очигледно, тоа се упатствата што совозачот му ги чита на возачот за време на трката. Ама како всушност настануваат?

Како што се објаснува во видеото, пред секоја трка имаат две пробни возења. При првото, кое се одвива со нормална брзина од 70-90 км/ч, возачот му го опишува патот на совозачот, а овој запишува во скратена форма. Нормално, имаат и куп инструменти за мерење, а и камера која го снима возењето.

Потоа белешките се „гланцаат“ и средуваат, со тоа што главен акцент се става на темпото на возење – целта е да се извлече најбрзото, нели.

Во второто возење, совозачот му ги чита белешките на возачот, и тогаш практично ги вежбаат и усовршуваат „нотите“. Обично му чита за две кривини унапред.

Ама не е само тоа. На пример, ќе го чуете совозачот како чита „5 плус, долго десно…“ (или слично). „Долго“, „широко“, „тесно“ – се описи за должината и ширината на свиокот. Ама „5 плус“? Возачот знае, бидејќи за време на пробите цел волан му е исполепен со самолеплива хартија. Ќе видите во видеото зошто.

- Реклама -